Данска ќе се оградува од Германија со 70 километри ограда, ама не за тоа што мислите

По месеци дебати и расправии во Данска започна изградба на ограда по должина на границата со Германија и се очекува да биде завршена во рекордно време. За разлика од оградите на „Тврдина Европа“ од последно време, оваа не е за луѓе, туку за свињи.

Оградата ќе биде висока 150 сантиметри а намената и е да ги спречи упадите на германски диви свињи на данска територија.

Иако до сега животните немаат направено никаква свињарија во Данска, тамошните сточари оградата ја објаснуваат како превентива од африканска свинска треска од Германија во Данска. Во Германија нема ниту еден пријавен случај на болеста.

„Ова е осигурителна полиса против африканска свинска треска. Како ја осигуруваш твојата куќа против пожар, иако веројатно никогаш нема да се запали,“ објаснува претседателот на данското земјоделска асоцијација, Ландбосид, Могенс Дал.

Паниката на Данските сточари е затоа што ако во земјата биде регистриран и еден единствен случај на болеста, ќе мора целиот извоз да се сопре. Ова е проблем бидејќи Данска годишно извезува свинско во вредност од 4 милијарди евра.

Бројната состојба на свињарството во земјата е: околу 5.000 фарми кои годишно произведуваат околу 28 милиони свињи. За споредба, Данска има 5,6 милиони жители.

Работата се одвива 24/7 во 12 часовни смени, и оградата треба да биде готова за неколку месеци. Слична ограда планира и Франција кон Белгија.

Противниците на данската ограда тврдат дека таа ем ќе го ограничи движењето и на другите диви животни, ем нема да биде ефикасна против дивите свињи, бидејќи тие едноставно ќе ги искористат премините планирани за другите видови.

29 јануари 2019 - 10:08