Сипаници во Европа, трагедија што не може да биде прифатена

Европа минатата година има 21.000 случаи на сипаници, што е речиси четири пати повеќе отколку во 2016, објавува Светската здравствена организација.

Напливот на нови случаи е резултат на избувнувањето на сипаници во 15 од над 50-те држави во регионот. Најголем број случаи се забележани во Романија, Италија и Украина, по околу 5.000 во секоја. СЗО причината за бројноста на сипаниците ја сведува на одбивање на рутинска имунизација, ниска стапка на вакцинација кај маргинализираните групи и немање адекватен надзор на болеста.

„Ова е трагедија која едноставно не можеме да ја прифатиме,“ изјавува регионалната директорка на СЗО за Европа, Сузана Џакаб.

Гневот на Џакаб е повеќе од оправдан посебно што станува збор за група на главно богати и високо образувани држави, кои „можат и требаат да се справат со излечиви болести како сипаници.“

На пример, во 2017 СЗО објави дека Британија ги има елиминирано сипаниците, што не значи дека нема ни еден случај, туку дека бројот на случаи е толку мал (само 282) што болеста е ограничена на мала група и не се шири. За да го постигне ова британското здравство препорачува дека нивото на имунизација на населението треба да е барем 90% за да се спречат сипаниците, а 95% за заушки и рубела.

„Основната идеја е дека групата (’стадото’) може да избегне изложеност на болеста со тоа што ќе осигура дека доволен број на луѓе се имуни за да не може да се воспостави каков било одржлив синџир на пренесување на болеста. Ова ја заштитува целата популација, посебно оние кои се премногу млади или премногу болни за да бидат вакцинирани,“ објаснува професорот по биологија од Пенсилванија стејт универзитетот, Марсел Салат.

19 февруари 2018 - 18:33