Познавате ли на која слика дечково е болен?

На луѓето им се доволни неколку секунди да погледнат некого во лице за да откријат дали тој човек е здрав или нешто неарен. За да дојдат до овој заклучок, на група истражувачи сè што им било потребно било да заразат десетици волонтери со ешерихија коли. 

Зошто научници би се занимавале со вака банална тема кога кај сите народи има колоквијални изрази кои упатуваат на способноста да се препознае болен човек (блед си како крпа, жолт си како лист, клапнат си како цицка...). Истражувачите кои стојат зад студијата неодамна објавена во научна публикација велат дека постојат зачудувачко малку научни истражувања за нашето чувство за болести и нивни препознавања кај други лица.

Затоа, во име на науката, решиле малку да заболуваат волонтери. За волја на вистината, не ги заразувале сега туку во една нивна претходна студија, кога им било битно да утврдат дали болен човек носи порискантни потези околу парите (да, носи).

Овојпат ги искористиле фотографиите од тие луѓе благо заразени со Е. Коли, направиле фото верзии на истите луѓе кога се здрави и им ги давале сликите на луѓе, да проценат во каква здравствена состојба се оние кои ги гледаат.

Резултатите велат дека во две третини од случаите, луѓето со сигурност можат да препознат симптоми на нечие нарушено здравје, дури и кога тие луѓе не се вистински разболени (рековме, малку ги заразиле, не ги обориле во кревет).

Притоа, најважните сигнали за нечие здравје луѓето ги препознаваат во очите, тенот, опуштеноста на краевите на устата и подуеноста на лицето.

„Додека други студии се фокусираат на начинот на кој реагираме на очигледно болни луѓе, ова е првата експериментална студија која покажува дека сме способни во куп луѓе да ги препознаеме и едвај болните и потенцијално заразните, долго пред нивната здравствена ситуација да се влоши. А тоа може да има реални реперкусии врз јавното здравје“, гордо наведуваат истражувачите.

И да, ако мислите дека дечкото е болен на левата фотографија, во право сте.

4 јануари 2018 - 14:15