Пандемијата го отсвирува своето?

Новата чешка влада го укина декретот по кој вакцините ќе беа задолжителни за сите над 60 години и за клучните социјални работници. Ирска реши да ги дигне речиси сите ковид рестрикции а Светската Здравствена Организација оцени дека забраните за патувања се неефикасни и побара државите да ги укинат или олабават.

„Планот за задолжителна вакцинација на претходната администрација беше глупост уште од самиот старт“, порача новиот чешки министер за здравство обелоденувајќи дека се укинува декретот по кој од март вакцинацијата ќе беше задолжителна за постари лица, здравствени работници, полицајци, пожарникари и сл.

„Не гледаме причина за задолжителна вакцина. Не сакаме да ги продлабочуваме поделбите меѓу нашите луѓе,“ изјави првиот човек на центристичко- десничарската влада на Чешка, премиерот Петр Фиала но порача дека за владата, вакцинирањето останува најдобар начин за борба против ковид.

Петте партии кои дел од новата влада се спротивставуваа на тој план уште од декември, кога беше донесен од власта на заминување, предводена од Андреј Бабиш а беше повод за масовни демонстрации во Прага и другите градови.

Се бунеа и засегнатите категории велејќи дека во планот се конфузно дефинирани многу поими и дека ќе настане хаос околу тоа кој мора а кој не да биде вакциниран.

Чешка е комплетно вакцинирана околу 63% што е под просекот на ЕУ а ваквата пресвртна одлука ја носат во моменти кога забележуваат рекорден број заразени од омикрон сојот.

Индипендент пренесува дека во Чешка, асимптоматските здравствени и социјални работници кои се позитивни на ковид, во иднина ќе можат да продолжат да работат за да не трпат услугите кои ги даваат.

Од своја страна, Ирска се чини дека почнува да излегува од големата омикрон бура и во таква ситуација реши да ги дигне речиси сите рестрикции поврзани со пандемијата, иако тоа беше земја со една од најригорозните ковид правила во Европа.

Тие минатата недела имаа втора најголема инциденца на зараза во ЕУ, но истовремено имаат и една од највисоките рати на примени бустер дози за што се верува дека помогна бројот на сериозно заболените да биде под нивото на последниот пик.

Кафеаните ги отвораат во полно работно време, се отвораат сите други објекти за спортски и забавни содржини а маски ќе се носат до крајот на февруари.

Оценувајќи дека забраните за патувања се неефикасни, Светската здравствена организација препорача укинување или значајно олабавување на рестрикциите.

„Забраните и рестрикциите за патувања не додаваат дополнителна вредност а ги влошуваат економиите и ги зголемуваат социјалните стресови,“ оцени СЗО.

Минатата недела Велика Британија беше првата голема западна земја кој се реши на укинување на маските и ковид сертификатите (види: Борис Џонсон ја прогласи пандемијата за умрено)

22 јануари 2022 - 14:54