Можеме ли да тераме по шведски?

Една од најголемите предности што Шведска ја имаше кога влезе во својата битка со ковид-19 е што земјата е полна со Швеѓани, па стратегијата многу повеќе им се базираше на доброволна согласност отколку на присила.

Како што бројот на заразени скокна во неколку европски држави, така дел од нив за сега решија да пробаат свои варијации на шведската стратегија. Франција, која моментално има просек од 12.000 нови случаи на ден, отфрли какво било ставање под клуч на целата нација, и наместо властите повикаа „да се живее со вирусот“ и мерки за локално справување.

Шпанија, која неделава надмина 700.000 случаи исто така отфрли второ затворање на земјата објаснувајќи „ги имаме алатките што ни се потребни, но ни треба помошта од нашите граѓани.“

Британија најави серија нови мерки, меѓутоа нема да прибегнува кон затворање на државата како во првите месеци од пандемијата.

Коментирајќи ја шведската стратегија од СЗО го нагласуваат фокусирањето на земјата на „одржливост наместо на време“, бидејќи овој пат сите ќе мораме да научиме како да живееме со вирусот, притоа повторувајќи дека нема еден-единствен пристап што ќе пасува за сите држави.

Шведска ги затвори средните училишта и факултетите, меѓутоа ги остави отворени основните училишта. Забрани собири за повеќе од 50 лица, и ги повика оние постари од 70 години и ризичните групи да се само-изолираат.

Освен ова 10-милионската држава повика, но не нареди, да се почитува физичката дистанца и кој може да работи од дома, што главно сите го прифатија. Продавници, барови, кафеани и вежбални останаа отворени, а маски не беа препорачани.

Главниот епидемиолог на земјата во повеќе наврати повтори дека кризата е „маратон, а не спринт“, а властите тврдеа дека јавното здравје не е во опасност само од ковид-19, и дека задолжителното затворање по дома може да доведе до масовна невработеност и проблеми со ментално здравје, што исто така може да биде кобно.

Исходот од овие мерки се уште се дебатира, притоа има и сериозна осуда за шведската влада за прифаќањето на ваквиот систем, заради кој во мај годинава Шведска имаше најголем број на жртви од ковид-19 во Европа по глава на жител, а речиси половина од сите починати се од старечките домови во земјата.

И покрај тоа што последниов период повторно има раст на бројот на заразени во Шведска нивните бројки се уште не се така високи и со така остар раст како во Франција и останати европски држави. Според Европскиот центар за спречување и контрола на болести, во изминативе 14 денови Шведска има просек од 37 нови случаи на 100.000 жители. Во Холандија ова е 132, во Франција 205, во Шпанија 320, ама па затоа во Италија е 35.

„Многумина мислат дека само затоа што Шведска не стави клуч, Владата ништо не преземала. Меѓутоа тие спроведоа неколку клучни мерки. Главно, успеа да ги натера граѓаните да разберат и да учествуваат во борбата против вирусот, без присила, задолжителни закони или регулатива. Ефектот не беше многу поразличен,“ објаснува професорот по јавно здравје од Институтот за глобално здравје во Женева, Антони Флахо.

Гардијан разговара со професор во заразни болести кој објаснува дека „државите мора да се соочат со фактот дека ќе мора да живееме со вирусот, кој е на пат да стане ендемски“. Според нив ова ќе значи „одговорната популација да биде свесна како може да се заштити себе си и другите“ и да спречи појавување на жаришта преку „брзо и ефикасно следење контакти“.

Дорит Ницан од европскиот огранок на СЗО порачува дека шведскиот пристап не мора да значи дека секаде ќе успее:

„Во Шведска општествениот договор меѓу владата и населението историски се базира на многу високи нива на доверба. Тоа е начинот на кој Швеѓаните и владата комуницираат.

Стратегијата за спречување на ковид-19 на секоја држава треба да биде базирана на конкретната ситуација и контекст, и да биде и научно издржана и културолошки прифатлива. Тоа е шведскиот пристап.“

25 септември 2020 - 15:48