Како сипаниците убиваат 100.000 деца годишно?

Вашингтон е последно од неочекуваните места во кое надлежните прогласија епидемија на сипаници. Нашиве антиваксери последниот пат се бунеа дека овде била прогласена епидемија од премал број случаи. На Вашингтон од 7,2 милиони луѓе им беа доволни 30-тина случаи да го сторат истото.

Во 1962 година, познатиот автор на детски книги Роалд Дал ја губи својата најстара ќерка заради сипаници. Оливија имала 7 години.

26 години подоцна, решава на родителите да им опише како тоа изгледало.

„Кога болеста почна да се развива по својот вообичаен пат, не бев во паника и се сеќавам дека често ѝ читав во кревет. Кога веќе беше на пат да се опорави, седев на нејзиниот кревет и ѝ покажував како се облекуваат едни играчки - животни. Кога дојде нејзиниот ред, сфатив дека нејзините прсти и нејзиниот мозок не работат заедно и дека не може да направи ништо.

- Добра си?
- Ми се спие.

Еден час подоцна беше во несвест. 12 часа подоцна веќе ја немаше“. 

Оливија настрадала од енцефалитис, еден од пожестоките синдроми на сипаниците. Вирусот стигнува до мозокот, имунолошкиот систем се алармира за да се бори, мозокот потекува како колатерална жртва на таа борба.

Во тоа време сè уште не постоела доверлива вакцина за таа болест. Денес постои па сепак постојат групи родители кои одбиваат да ги вакцинираат своите деца поради што се случуваат епидемии и во земји како Италија, Израел или деновиве во Вашингтон.

„Многумина мислат дека сипаниците не се ништо страшно и во поголем број случаи е така. Но во еден од илјада случаи, инфекцијата станува системска и стигнува до мозокот,“ вели доктор Алис Акерман, професор емеритус од Универзитет во Вирџинија.

Ова предизвикува промени во однесувањето, потенцијално потекување на мозокот и негово грчење. Во таа фаза докторите многу малку можат да сторат, а ако преживее, детето може да остане глуво, слепо или ментално ретардирано.

Акерман вели дека и во случај болеста првично да се преброди без такви последици, 7 до 10 години после неа сè уште постојат ризици за опасни компликации како што е ова. Шансите се мали (1 во 5.000), но затоа постојат многу посериозни компликации.

Пневмонија е најчестата.

Сипаниците обично го заразуваат горниот респираторен тракт но знаат да се спуштат подолу по што настанува пневмонија и проблемот станува сериозен.

„Пневмонијата го оневозможува организмот да го жнее кислородот од воздухот и децата во градите немаат доволно кислород за опслужување на телото,“ објаснува доктор Амеш Адалија.

Според глобалните статистики, едно од 20 деца со сипаници доаѓа до пневмонија и тоа е една од најчестите начини на кој сипаниците убиваат 100.000 деца во светот, колку што ги имаше во 2017 година. 

Организми со слаб имунитет се под најголем ризик но не постои начин да се предвиди кое дете ќе развие сериозни компликации како што е пневмонијата или енцефалитисот. 

„Најдобар начин да се превенира сево ова е воопшто да не се добие болеста,“ порачува Акерман.

Илјадници родители кои изгубиле дете како писателот Дал од почетокот на оваа сторија немаат пристап кон вакцина. Има и други кои имаат пристап ама тие „читале на интернет“. Затоа, еве и ние да пишеме нешто на интернет.

4 февруари 2019 - 09:27