Европо, вакцинирај!

Експерти на Светската здравствена организација ја повикаа Европа сериозно да се зафати и посвети на вакцинирање против сипаници откако на континентот почна да се случува драма со нивно ширење.

СЗО објавува дека повеќе луѓе во Европа се заразиле со вирусот само во првите 6 месеци од 2018, отколку во цела 2017, и 7 пати повеќе отколку во цела 2016.

Иако вакцинацијата на деца во Европа во 2017 се држи до нивото од 90%, сепак на локално ниво има далеку поголемо варирање.

Ситуацијата е последица на упорното верување на се повеќе нови родители во студија за штетноста на вакцините. Студијата е повеќекратно научно оспорена и докажана како неточна и погрешна.

„Гледаме драматичен раст на инфекции и ширење на заразата. Сипаниците можат да бидат сопрени ако секој ја одигра својата улога: да ги имунизираат своите деца, себе си, нивните пациенти, нивната популација - и да ги потсетат останатите дека вакцинирањето спасува животи,“ порачува директорката на СЗО за Европа, Сузана Јакаб.

Бројките на СЗО покажуваат дека годинава во Европа од сипаници починале 37 лица, од кои 14 се во Србија. Минатата година на ниво на континентов биле пријавени 24.000 случаи на сипаници, додека годинава до сега само во Украина се пријавени 23.000 случаи.

Во 21 сојузна држава на САД годинава пријавени се најмалку 107 случај на болеста.

21 август 2018 - 12:52