Речник на пандемијата

Дали е вентилатор или респиратор, карантин или изолација?

Да почнеме од најосновното: вирусот се вика САРС-КоВ-2, и тој ја предизвикува болеста ковид-19, а е дел од семејството коронавируси (или уште попрецизно бетакоронавируси).

Ако болеста е ендемска тогаш тоа значи дека е болест која редовно ги заразува луѓето, додека пандемија е кога станува збор за нова болест која се проширила низ цела планета. Доколку болеста се шири само во одредена област тогаш е епидемија.

Кога доволен број луѓе ќе развијат имунитет кон една болест (без разлика дали преку прележување или вакцина) тогаш станува збор за групен имунитет (или имунитет на стадо).

Ковид-19 е зоонозна болест, односно болест која се пренела од животни на луѓе. Се смета дека потеклото на САРС-КоВ-2 се лилјаци. Во оваа група на болести спаѓаат и ХИВ, Ебола и Зика.

Потврдените случаи на ковид-19 се оние што се потврдени со тестирање, па заради моменталниот недостатокот на тестови низ светот нивниот вистински број може да е многу повисок. Стапка на смртност е процентот на заболени од ковид-19 што починале од болеста.

Начинот на пренесување е како вирусот се шири од човек на човек. За сега главен начин на пренесување е преку минијатурни капки од плунка кои се исфрлаат преку кашлање или кивање. За сега научниците уште истражуваат колку долго вирусот може да опстои во воздух во различни околини.

Социјално дистанцирање е збир на мерки кои треба да ги спречат луѓето да се собираат, а главна цел е луѓето да се држат на околу 2 метра еден од друг. Дистанцата од 2 метра треба да е доволна за да се спречи капките плунка да се пренесат од еден на друг.

Една од овие мерки е карантин, со која се ограничува движењето на луѓе кои можеби биле изложени на заразата но се уште не се болни, и ова ограничување најчесто важи во рамките на домот. За разлика од карантинот, изолација е мерка за одделување на луѓе со потврдена или веројатна инфекција, од останатите здрави луѓе, за да може состојбата да им се подобри без никого да заразат. Еден член на семејството може да биде во изолација, пример во една соба, додека останатите членови се во карантин, во истата куќа / стан без да влегуваат во собата со изолација.

Кога овие мерки се спроведуваат на повисоко ниво, тие се нарекуваат санитарен кордон, и на пример опфаќаат цел регион или град. Како што Кина направи со Вухан во првите денови од заразата.

Заштитна опрема ги опфаќа ракавиците, маските, штитовите за лице, и останатата опрема која ги заштитува медицинските лица да не ја префатат заразата.

Вентилатор е машината која се користи за внесување и изнесување на воздух во белите дробови на пациентот на кој тоа му е мачно или не може сам да дише. Додека респиратор е маска за лице која го запечатува делот околу устата и ги филтрира сите честички од воздухот пред да бидат вдишани. Н95 маска филтрира 95% од честичките со големина од 0,3 микрони.

Наспроти респираторот, хируршките маски или маските за лице не филтрираат толкав голем дел од честичките што се вдишуваат, меѓутоа нивната главна задача е запирање на капките плунка што ги исфрла човек при кивање или кашлање. Исто така се одлични во спречување на непотребно допирање на лицето со валкани раце.

РТ-ПЦР (Reverse transcription polymerase chain reaction - RT-PCR) е технологија за тестирање која го бара генетскиот потпис на вирусот.

30 март 2020 - 12:43