Во случај на нуклеарка, заборавете на регенератор

Еве, рокнала. А веќе имате пуштено бојлер и глупо ви е со немиена коса да се појавите на куќен совет на кој ќе се утврдува кој е крив што подрумот, пред многу години, е издаден на некои приватњаци кои никој не ги знае. Додека под туш го конципирате својот настап на состанокот, знајте го и ова.

Уште во 2017 година, кога Северна Кореја се закануваше дека ќе тестира нуклеарни ракети кои би можеле да ја спржат американската територија, на веб сајтот на министерството за одбрана на САД осамнаа препораки што да се прави пред и после експлозија на нуклеарка.

Таа закана помина бидејќи Северна Кореја ги откажа тестирањата но војната во Украина повторно ја актуелизира темата.

Една од препораките е да не користите регенератор за коса од причини што имаат врска со физичките карактеристики на косата, хемискиот состав на регенераторите и природата на нуклеарниот материјал.

Кога нуклеарна боева глава ќе детонира, огнена топка спалува сè што ќе допре и го исфрла испарениот материјал кон небото. Згради и живи суштества се претвораат во прашина и се мешаат со радиоактивните нуспроизводи од цепењето на атомите на ураниум или плутониум.

Обилно туширање е пожелно (на оваа цена на струјата??) заради испирање на радиоактивните честички. Сапун - да, но без многу триење за да не се одерете, шампон - може, но регенератор за коса - не.

Опасните честички кои остануваат извор на радијација се толку мали што можат да навлезат во микроскопски малите пукнатини на влакното па тоа не само што ќе процвета туку ќе се распадне како шишарка.

За разлика од шампонот, регенераторот е правен за да остане во косата. Ако дојде во допир со радиоактивен материјал, неговите лепливи елементи од масла ќе ја заробат радиоактивната прашина во влакната, објаснуваат експерти на темата.

Следете нè за повеќе корисни совети.

24 септември 2022 - 10:50