Нека му е лесна Месечина

Си умре млад и зелен

Откако се обистинил стихот од македонската песна „Зајди, зајди, јасно сонце“, на првиот зелен лист насаден на Месечината му станал јасен еден друг стих, од Забрањено пушење: „Овде ноќта паѓа грубо“. 

Изѕемнал зелениот лист памук кој Кинезите во саксија го однесоа на Месечината. Фотографијата од тој лист пратена од кинескиот лунарен ровер ја симболизираше иднината во која астронаутите би одгледувале храна во вселената, потенцијално правејќи населиви делови на земјиниот сателит или други планети.

Изѕемнал со доаѓање на ноќта. А ноќта таму е брутално ладна и брутално долга. Трае две наши недели а температурата знае да се спушти до минус 170 целзиусови степени. И денот не е попријателски расположен бидејќи тогаш температурите се екстремно високи до 120 степени. Сето тоа се должи на фактот што Месечината нема атмосфера која би ги ублажувала сончевите зраци.

Кинезите во нивниот Chang’e 4 носат и семе од компир, квасец, корен од синап како и јајца од вински мушички. Растението досега не покажале знаци на ртење а и кај јајцата нема активност.

Професорот кој го дизајнирал експериментот вели дека судбината на листот не била изненадувачка но дека љубопитно ги очекуваат останатите податоци бидејќи на Земјата не може да се реконструираат условите на Месечината, со нејзината микро-гравитација и вселенската радијација. 

Добра вест за чистунците: саксијата односно канистерот во кој бил листот е комплетно био-разградлива што значи дека сè уште не сме почнале да трупаме ѓубре на Месечината.

17 јануари 2019 - 10:39