Рони Вуд одбил хемотерапија заради косата

„Оваа коса не оди никаде“, му рекол гитаристот на Стоунси на својот доктор кој му предложил хемотерапија за третман на откриениот рак на белите дробови. Ете како и вонсериски грдите луѓе можат господски да држат до себе.

На почетокот на 2017 на Рони Вуд му беше пронајдено малигно жариште на левото белодробно крило. Кога докторот го прашал што сака да се прави, овој му рекол: „Ништо посебно, извади го“.

За среќа, канцерот не бил раширен по лимфните садови па после петчасовната операција, организмот на Вуд бил чист.

Како дополнителна мерка му била предложена и хемотерапија но тој ја одбил, не затоа што се сомневал дали таа има ефект туку затоа што не сакал да се откаже од косата.

Рони Вуд пушеше 50 години, навика која ја прекина откако жена му лани роди близначиња. Ете ги нив, тие полнат една, тој полни 70 години:

„Луѓето мора да се прегледуваат. Редовно да прават сериозни прегледи. Јас имав среќа и некој англе чувар да го сторам тоа навреме, инаку сега немаше да бидам овде“.

Стоунси во септември почнуваат европска турнеја со 14 гигантски концерти, ниеден од нив на домашен терен бидејќи ни тие не можеле да најдат слободен стадион во Англија во тој период.

Инаку, оние мрцини Кит и Џегер повеќе од десет години го држеа Рони како хонорарец на бендот (попат делеа дроги, жени и сè друго) пред Џегер да се смилува и да се согласи да биде примен како рамноправен член во рокенрол дружината која функционира како корпорација.

8 август 2017 - 09:41