Победа на оние дечки кои мочаат стоечки

Дали момците и натаму треба да уринираат стоејќи или пак конечно треба да си легнат на брашното тоест седнат на шољата, не е ниту нова, ниту пак наивна дебата. Околу ова прашање се пишуваат книги а дилемата стигна и до суд.

Германски суд пресудил во полза на кираџија кој го тужел газдата за одземен депозит на име на тоа што уринирајќи (стоејќи а непрецизно) му го нагризал мермерот околу веце шољата.

"Некој што сè уште го практицира овој досега доминантен начин често упаѓа во конфликти, особено со блиските женски лица меѓутоа човек не може да  биде казнет за така предизвикана штета на плочки", трезвено напишал судијата Стефан Хан од Дизелдорф додавајќи:

"Наспроти забрзаното припитомување на мажот во оваа област, стоечкото уринирање и натаму е вообичаена пракса".

Дизелдорфската судска разврска е само последната епизода во повеќегодишната битка меѓу поборниците на stehpinklers (мажи кои уринираат стоечки) и sitzpinklers (оние кои седнуваат).

Своевремено во Германија во милионски тираж се има продадено гаџет кој се прицврстувал на даската; кога некој (од стоиците) ќе ја подигнел даската за да заврши работа, добивал звучно предупредување (со имитиран глас на тогашниот канцелар Герхард Шредер):

"Стоечкото мочање овде не е дозволено туку се казнува. Ако не сакаш да имаш проблеми, попаметно ти е да седнеш"

Германските феминистки со години ги убедуваат мажите да ја прифатат седечката поза објаснувајќи им дека така е ем похигиенско ем ќе прават помалку работа за оние кои ги чистат тоалетите а тоа најчесто се жени. Академик Клаус Шверма има напишано и книга "Stehpinkeln—Die Letzte Bastion der Maennlichkeit?" (Стоечко уринирање - последниот бастион на машкоста?)

Некои мажи тивко ја имаат прифатено идејата но за добар дел Германци ова е удар на нивната машка гордост па се организираат преку Фејсбук групи за поддршка на стоењето, одат по ток- шоуа, објавуваат едиторијали и карикатури.

Дебатата не е ексклузивно германска бидејќи слични тоалетни битки се водат од Шведска до Сингапур, пишува американскиот Атлантик.

Професорка по право од еден универзитет во Чикаго темата ја има развиено дотаму што тврди дека заради просторната економичност на машките писоари, жените објективно добиваат помала квадратура за празнење и дека заради старовремското мочање на мажите, вецеата остануваат едни од ретките јавни простори кои сè уште се полово сегрегирани.

Досега не е забележана машка иницијатива која би се занимавала со тоа како уринираат жените.

25 јануари 2015 - 20:34