На среќата ѝ е сеедно околу парите

Не е дека парите те прават среќен, туку помагаат да бидеш помалку тажен, е малата ама филозофски важната разлика што ја откриваат од Универзитетот на Британска Колумбија.

Тие објаснуваат дека "среќата и тагата не се дијаметрално спротивни една на друга," туку тие се поврзани (не можеш да бидеш и пресреќен и разочаран во исто време), ама за некои клучни работи функционираат независно една од друга.

"Затоа што радоста не е едноставно отсуство на тага, или спротивно, приходите може да имаат различно влијание на овие емоции," објаснува предводникот на истражувањето, Костадин Кушлев.

Во студијата се анализирани податоци од 12.291 човек од пописот на Канада, крајниот заклучок бил - подобро е да си богат. Дури и кога се земале предвид сите варијабли кај испитаниците побогатите секогаш се чувствувале помалку тажни.

"Дел од одговорот (зошто приходот различно влијае на среќата и тагата) веројатно лежи во тоа како богатството ги обликува човечките оценки за негативните настани во нивниот живот. Конкретно, имањето повеќе пари создава повеќе опции за справување со проблеми, богатите луѓе чувствуваат поголема контрола отколку сиромашните, кога се соочени со проблематични ситуации. На пример, крајно е непријатно кога доаѓаш дома да видиш дека ти тече од кровот, ама е проблем кој лесно може да се реши за некој што е добро ситуиран; наспроти ова, некој што не може одма да го реши проблемот, ова ќе го тишти со месеци. Зголемената тешкотија за справување со вакви проблеми прави сиромашните луѓе да чувствуваат дека немаат контрола над променливите во животот, што има поголемо влијание на тагата отколку на среќата," се објаснува во истражувањето.

26 јануари 2015 - 10:20