Луѓе, се ладиме

Нашата просечна телесна температура изгледа веќе не е 37 целзиусови степени. Во однос на луѓето од пред 160 години, денес сме некако покул. Ама само под мишка. 

Во 1851 година, германскиот лекар Карл Рајнхолд Аугуст Вундерлих ги земал измерените температури на 25.000 пациенти од Лајпциг и утврдил дека просечната човечка температура изнесува 37 целзиуса. Оттогаш, заклучокот на  Вундерлихт е стандард за медицинските лица во целиот свет.

На вака масовно измерени температури, студија во 1992 година покажа дека просечната температура е 36,8 а понови студии покажуваа и пониско: податоците за 35.000 британски пациенти велат дека просекот е 36,6 степени.

Иако некои научни извори тврдеа дека разликите се должат на тоа што мерењата на Вундерлих веројатно не биле толку прецизни како денес, најновата студија на таа тема тврди дека дефинитивно се ладиме. А темелена е на импозантна бројка од 677.423 човечки температури, измерени во период од 157 години во кои се опфатени 197 години на раѓање. Тие покажуваат дека луѓето родени на почетокот на 19-от век биле за околу 0,6 целзиуса потопли од нас.

Некои велат дека иако се работи за голем период, во еволутивна смисла тоа е безначајна временска рамка за да се случуваат суштински промени. Тие сугерираат дека ваквите наоди се должат на тоа што порано имало повеќе луѓе со туберкулоза, маларија, дентални болести и други проблеми кои предизвикуваат повишена температура па токму тие го дигале просекот. А велат дека е и можно  вистински и реално да се ладиме поради променетите услови за живот, еркондишните, парната и другите помагачи на денешниот комфор му помагаат на нашето тело да не се бори толку грчевито да остане топло.

24 јануари 2020 - 15:30