Лесно е да си Германец кога е млако

Со години Германците со презир и одважност гледаа на глобалната, а посебно на американската, пракса на распалување клима уреди секој пат кога малку ќе се затопли. И тоа така тераше се додека летово во Германија уште во јуни неколку денови по ред не стигнаа до 37 степени.

Наместо инсталирање клима уреди или поголеми системи, досега Германците во случај на претерани температури едноставно ќе прогласеа природна несреќа и ги затвораа јавните институции и училиштата. Главно битката против горештините се водеше со вентилатори и проветрување по неколку пати на ден.

Откако „несреќите“ почнаа да стануваат се почести, тие решија да менуваат стратегија. Така минатото лето во земјата имаше 15% раст на продажбата и беа продадени над 200.000 клима уреди, а некои од продавниците на поголемите ланци за техничка стока, уште во август ја имаа распродадено својата залиха на клима уреди и вентилатори.

Годинава се очекува овој број дополнително да порасне откако на Германците им стана поважен личниот раат отколку заштедата на енергија, па и годинава повторно постојат истите стравови дека ќе снема клима уреди.

Горештините ги натераа Германците да воведат и ограничувања на брзината на аутобан од страв дека тој би можел да почне да попушта и да се топи од претерана загреаност.

Вол стрит журнал пишува дека зад одбивноста што Германците ја имаат кон клима уредите стои и националниот страв од промаја, односно „уверувањето дека можеш да се разболиш од каков било провев“. По овој повод германскиот Црвен крст сред горештините алармираше народ да ги пушти вентилатори и да ги отвори прозорците:

„Durchzug (провев), не е штетен, само Германците веруваат во тоа.“

Долгорочните процени се дека бројот на германски домаќинства со клима уреди до 2030-та би можел да порасне на 13%, од 3% во 2015.

Поголемото ширење на технологијата е спречено и од правилата за домување, па добар дел од резиденцијалните објекти предвидуваат дека е потребна согласност од комшиите за човек да може дома да постави клима уред. Објаснувањето е дека мора предвид да се земат галамата што уредот им ја предизвикува на соседите, изгледот и структурата на зградата.

22 јули 2019 - 13:56