Крајот на точката

На завршетоците на речениците денес често им фали точка, што е намерно така, за тие да останат отворени за додаток, одговор или за молк. Одбегнуваме да стиснеме точка секогаш кога е можно, бидејќи точките не само што ѝ ставаат крај на реченицата, туку тие имаат и значење.

Кога на некој пријател му испраќате нешто по СМС-порака, добиениот одговор „Ок.“ наместо „Ок“ веќе не е само безначајна разлика во интерпункцијата. Точката додава емоција; таа е намерен додаток на кој му треба понатамошно толкување. 

Смртта на точката што означува крај
Пред АОЛ инстант месинџерот и сличните на него, една реченица обично беше проследена со друга. Сега, вообичаената конверзација е многу побрза и повеќето луѓе испраќаат една реченица или мисла во исто време со наредната. 

Секако, има моменти кога пишуваме цел пасус со по неколку расфрлани точки, но најчесто нашите пораки се кратки и концизни. Нема реална потреба да се одбележува крајот на овие реченици зашто тоа се постигнува со притискањето „enter“ или „send“.

Границата на облачето на пораката ја заменува точката. Со почетокот на разменувањето инстант-пораки, точката беше систематски отстранета од простите реченици во интернет-сленгот. Кога се појавија социјалните медиуми, точката остана отсутна.

Кога нешто е кратко, нема точка. Зошто нашите скапоцени 140 карактери би ги трошеле на точки?

Новата точка
Повеќето луѓе се многу свесни за разликата помеѓу добивањето „Добро.“ и „Добро“ по СМС. Првото има некој тип финалност во себе, како точката да е „Не барај да ти објаснувам“, а второто едноставно значи „Добро“, без ништо дополнително.

Една студија од 2015 насловена „Несрдечно праќање пораки: улогата на точката во СМС-пораките“, од истражувачите од Универзитетот Бингамтон, покажува дека 126 студенти дале различни потврдни одговори на прашањата - некои имале интерпункција, други немале. Студијата покажа дека одговорите со точки како „Аха.“ или „Секако.“ биле оценети како помалку срдечни во однос на истите одговори без точка.

Писателот и професор Дејвид Кристал за Њујорк тајмс детално образложи како точката во дигиталните разговори од обична ознака за крај на реченицата прераснала во нешто друго.

„Точката сега има емотивен набој и стана емотикон“, рече Кристал за Тајмс. „Во 1990-тите години интернетот донесе лингвистичка слобода, во која се охрабруваше прекршувањето на правилата, а интерпункциските знаци беа еден од начините за тоа.“

Веќе не се забележува кога некој не употребил точка на крајот на реченицата, бидејќи сосема се навикнавме да не ја гледаме.

Новата точка е како стариот извичник: тие сега имаат значење.

11 јуни 2016 - 14:27