Јапонците пак се резилат пред светот

Во скандал приреден од тамошната железница кој уште долги години ќе остави длабок траг во јапонското национално ткиво, цела држава на свои плеќи треба да го носи срамот на еден воз што тргнал 20 секунди порано од станица.

Надлежните одговорни за Цукуба експрес линијата меѓу Токио и Цукуба, јавно објавија „искрено извинување за непријатностите“ предизвикани од прераното тргање на возот. Во изјавата, компанијата признава дека возот требало да тргне во 9:44:40 по локално време, меѓутоа тој поранил и тргнал во 9:44:20.

Истрагата покажала дека грешката се случила затоа што вработените не го провериле распоредот, „екипажот не го проверил доволно времето за тргање и ја започнал операцијата за заминување.“

Извинувањето на компанијата следува и покрај тоа што не добиле ниту една поплака за предвременото тргање.

Остатокот од 45-минутното патување од Цукуба до Токио минало без никакви проблеми.

Инаку, најмногу гужва има Токаидо линијата која вози од Токио до Кобе, и годишно пренесува речиси 150 милиони патници.

16 ноември 2017 - 14:51