Хелсинки како поле за натпревар на лимузините

И Путин и Трамп на самитот во главниот град на Финска пристигнаа со најтешката цивилна механизација со која располагаат - претседателските лимузини.

Двете лимузини се од домашно производство, и наликуваат на крајно удобен тенк на тркала.

Путин во Хелсинки доаѓа со Аурус Сенат Кортеж, што е прва службена употреба на лимузината вон Русија. Комплетно новата претседателска лимузина Путин ја добива за време на неговата последна инаугурација во мај годинава.

Возилото тежи речиси 6 тони, од кои добар дел отпаѓаат на вградените оклопни плочи и блиндирани прозори, а работи на 6,6-литарски В12 мотор развиен од НАМИ и Порше, кој има 860 коњски сили. Лимузината е висока 1,67 метри, а долга 6,7 метри и е дело на НАМИ (Државниот научен институт за автомобили и автомобилски мотори). Наскоро треба да се појави и цивилна верзија на лимузината која ќе чини околу 160.000 долари.

Претходно сите руски претседатели, Елцин, Путин и Медведев, стандардно користеа Мерцедес (Ес600 или Ес600 Пулман гард) како претседателскa лимузина.

Трамп на самитот се појавува со „Ѕверот“, моделот на лимузини што се воведува во времето на првиот мандат на Обама. И Буш помладиот имаш свој „Ѕвер“ меѓутоа од постара генерација.

За „Ѕверот“ се знае дека е произведен од Кадилак, висок е 1,5 метри, а долг 5,4 метри, и дека претседателската флота поседува 12 идентични возила, паркирани во седиштето на Тајната служба, кои чинат по 1 милион долари по примерок.

Наследникот на „Ѕверот“ Кадилак и го испорачува на Белата куќа уште пред инаугурацијата на Трамп во јануари 2017, меѓутоа тој се уште не е пуштен во употреба. Очекувањата се дека премиерата на новата лимузина ќе биде кон крајот на летово.