Ако сакате да имате омилен маратонец, нека биде службеникот што победи во Бостон

Се вика Јуки Каваучи, има 31 година, доаѓа од Јапонија и неговата победа комплетно ги изненади експертите и коментаторите на Бостонскиот маратон, ама не и неговите фанови низ светот.

За разлика од сите фаворити, Каваучи не е професионален спортист, туку платата ја вади како службеник во јапонската администрација. Заради ова тој не ни може да тренира во обем како професионалната конкуренција.

Затоа што има полно работно време Каваучи не припаѓа на ниту еден јапонски тим, ниту пак добива корпоративни спонзорства, па по пат го добива прекарот „граѓански трчач.“

Работното време од 40 часа неделно му остава простор за само еден тренинг, што го надополнува во слободните денови, кога минува по 50 километри со џогирање.

Човекот има 25 светски рекорди во трчање, меѓу кои и рекордот за најголем број маратони истрчани под 2 часа и 20 минути, вкупно 79 пати. Намерата му е до Олимпијадата во Токио 2020, да има истрчано 100 маратони под 2 часа и 20 минути.

Меѓу луѓето што тој ги порази во Бостон беше и освојувачот на бронзен медал од Олимпијадата 2016, Гален Руп. Во 2012, Каваучи завршува 14-ти на маратонот во Токио, и не успева да се квалификува во јапонската репрезентација за Олимпијадата во Лондон. Во знак на извинување за неуспехот, Каваучи си ја бричи главата.

Рекордот на Каваучи е 02:08:14. Моментално САД имаат тројца луѓе, а Британија само еден што е побрзи од ова, со таа разлика што тие се професионални маратонци.

Кариерата на Каваучи почнува на 6-годишна возраст, кога тој трча 1500 метри за 7 минути и 30 секунди. По ова мајка му, исто така поранешен трчач, почнува да го тренира, мерејќи му време во локалниот парк. Целта е секој тренинг да има подобро време од претходниот, ако е 30 секунди послаб од предвиденото, тогаш мора да истрча уште еден круг. Ако разликата е над 1 минута, тогаш му следуваат 2 круга.

Иако заради позицијата државен службеник не смее да добива спонзорства, тој ќе може да ја прифати наградата за победата на Бостонскиот маратон од 150.000 долари.

 

18 април 2018 - 10:43