Кокаин махт фрај

Адолф Хитлер како Тони Монтанa

Во 1944 година било веќе јасно на каде оди војната и се гледале контурите на германскиот пораз. Но, на брифинзите Хитлер пукал од оптимизам а генералите се прашувале кое ли е неговото тајно оружје.

Хитлер имал тајна но тоа не било оружје туку микс од кокаин и опоиди кои ја држеле во кондиција неговата харизма која во текот на војната почнала да бледее.

Ова го тврди Норман Охлер, автор на книга за зависностите на нацистичкиот лидер која меѓу другото е темелена и на белешки на лекарот на Хитлер.

Тој минал низ три фази на зависност а започнал со екстремно високи дози на витамини. Есента 41 ги земал првите опијати и хормонски инјекции а веќе во 43 бил на тешки супстанци.

Клучен лик во ваквиот развој е доктор Теодор Морел кого Хитлер го запознава во 1936. Морел бил познат по своите витамински миксови а Хитлер веќе бил опседнат со здравиот живот.

Есента 41 Хитлер се разболува и не може да оди на состанок со генералштабот, нешто што дотогаш никогаш нема направено. Морел во витаминската инекција дента му става опијат и хормони и овој веднаш се почувствувал подобро. И така почнало фамозното „дај од она вчера“.

Фирерот бил познат по спартанската работна дисциплина, не земал ни ден слободен и ги носел сите воени одлуки бидејќи не им верувал премногу на своите генерали. Докторот го брка дури во 1945, пред неговиот пад. Според некои историчари, снимките од тој период навестуваат дека Хитлер имал Паркинсонова болест.

Но, не бил само тој. Наци докторите сфаќаат дека тогаш легалните метамфетамини се идеални за подобрување на војничките перформанси по почнуваат со нивна дистрибуција на војската за време на заземањето на Франција. Биле поделени 35 милиони таблети од оваа денес строго забранета дрога.