Како коронавирусот ја соголи неподносливата нерелевантност на славните

Требаше да се случи глобална пандемија и цел свет да застане за конечно да се освестиме за само-наметнатата важност на прилично неважниот слој од глобалното општество - ѕвезди по која било основа. И ваквото рекалибрирање на нашите приоритети треба да продолжи и кога еден ден ова другово ќе биде зауздано.

Во 1985 Мајкл Џексон, Стиви Вондер, Боб Дилан и останата тогашна забавна елита ја пејат „We Are the World“, со која го вртат вниманието кон страдањата на гладните во Африка. Песната ја врши својата работа и собира донации во износ над 60 милиони долари.

Во 2020 Елтон Џон и некои од најголемите музичари на денешницата во живо преку видео конференција отсвиреа концерт за помош од ковид-19. Во време кога сите беа дома во изолација концертот привлече 8 милиони гледачи, останатите 7,45 милијарди решија дека имаат попаметни работи за правење, по дома.

Тоа што почна да се надзира по концертот на Елтон Џон, беше неповратно оверено кога Гал Гадот реши да ги собере филмските колеги за заедно да ја отпеат „Imagine“. Целиот проект заврши како најкритикуваното нешто кое Гадот некогаш го направила, и доведе до нови нивоа на презир на публиката кон своите довчерашни колеги.

Еден од последните обиди за бегање од лопатата на нерелеваноста беше кога Лејди Гага, Тејлор Свифт, Семјуел Л. Џексон и Дејвид Летерман беа дел од кампањата за ширење на препораките на СЗО и американскиот ЦДЦ.

„Ако богатите и славни не можат да го насочуваат нашиот морален компас, тогаш кој ќе биде нашиот север?

До денес ниту една ѕвезда не успеа да се приближи до астрономската ковид-19 слава на др. Антони Фаучи, долгогодишниот директор на американскиот Национален институт за алергии и заразни болести. Прес-конференциите на Фаучи и неговите пораки инспирираа хаштази, фан страни, мемиња, па дури и свеќи за молење. Држејќи ја својата улога од 1984 Фаучи никогаш немал причина да стане општо познат се до сега.

Дел од најкреативната инспирација во историјата доаѓа од оние кои не потекнуваат од монополот на креативноста. Фаучи, гувернери како Ендру Куомо од Њујорк и Гавин Њусом од Калифорнија, па дури и Доналд Трамп го привлекоа вниманието на јавноста со нивните редовни јавни реакции и работејќи на решенија за кризата околу коронавирусот.

Додека владините функционери и доктори сега се слават како авторитети за информации и знаење, луѓето заглавени дома конечно почнаа да се потпираат едни на други за единство и забава...

... Без премиери со црвен тепих и гламурозни церемонии за награди, единствени ѕвезди на кои им се аплаудира сега се здравствените работници, секоја вечер во 19 часот.

Може ова е одраз не само на пандемијата, туку општо и на времињата во кои живееме, дека влијанието на славните полека бледее,“ пишува Рохит Тавани во текстот за Гардијан.

7 април 2020 - 14:33