Конечно, јогурти за мажи

Од Запад добри вести за сите мажјаци кои со наведната глава мораа да купуваат разно-разни активии и да бираат која розевка боја од понудените јогурти ќе ја стават во корпа.

Мажите сè почесто тегнат кеси од дуќан. Тоа го утврдиле оние што вртат огромни пари во прехрамбената индустрија и во истото гледаат прилика да го зголемат профитот обраќајќи ѝ се малку поактивно на оваа запоставена популација. 

Пазарењето сè повеќе станува машка работа, покажало истражување на навиките на 800 здрави и прави месојадни мажи означени како "менфлуенсери" според кое зад половина од вкупните набавки и подготовка на храна во домаќинствата стојат мажите.

А во дуќан, тоа не изгледа како нивен свет бидејќи доминираат "здрави и витки" дизајнерски решенија.

Штандот со млечни производи вришти од розеви, светло сини и нежни пастелни бои. А мажите преферираат потемни пакувања.

Тие не пијат од цевка, ним држење шише со долг врат им дава можност да се чувствуваат "машки".

Тие преферираат поголеми дози храна а небитни им се рецептите на позадината.

Тие паѓаат на зборови како "крцкаво" и "ултимативно". Паѓаат и на силни животни на пакувањата на нивната храна и пијалоци.

Но, не паѓаат на "дигестивни финти." Во потрага се по сила, а силата е во протеините и не им е пресудно како тоа мешето ќе им го свари.

Сите овие препораки веќе ги препознава надлежната индустрија па се обидува да им излезе во пресрет на мажите. Сериозни компании за храна исфрлаат "машки линии" на своите производи.

Годинава неверојатен успех предизвика "Моќниот јогурт", производ спакуван во силна црна и црвена боја, со глава од бик како лого, дизајнерско решение што многу асоцира на енергетски напиток. Јогуртот беше придружуван и со одличен слоган: "Find Your Inner Abs."

А еве, од читател дознавме дека и Бугарија била во чекор со трендовите:

тука

18 октомври 2013 - 12:25