Зошто Турција гради џамии низ светот

Отворањето на мега-џамијата во близина на Вашингтон Д.Ц. требаше да биде кулминацијата на посетата на Ердоган на Турција. Тоа што Обама не се појави малку им скрши филм на Турците, кои објектот го сметаат како дел од своите напори презентираат умерена верзија на исламот, на што тој одлично ќе дојдеше како некаква симболика за помирување меѓу двете страни.

Џамијата е централен дел од Дејинет центарот на Америка, комплекс кој вклучува останати објекти како културен центар и турски бањи, а самопрогласената цел на проектот е "просветување на американското општество околу исламската култура преку познавање на религијата."

За изградбата на џамијата Анкара плати 110 милиони долари. Таа има две минариња и е изградена во отомански стил од 16-от век.

"Претседателот Ердоган отсекогаш бил носталгичен кон старите денови (времето на подемот на Отоманската империја), копнеејќи да ја врати старата слава Турција, во и вон нејзините граници - со Исламот како центар на неговиот политички и културен проект. Од овие причини Турција започна да гради и да реновира се повеќе и повеќе џамии низ целиот свет, почнувајќи од 2002-ра кога партијата на Ердоган доаѓа на власт.

Ова започнува со изградба на локации на места кои претходно биле дел од Отоманската империја, како што е Балканот, каде турското влијание се уште е силно. Мината година Ердоган ги постави темелите за џиновската џамија во Тирана," пишува Адреин Лелиевре во текстот за Лес Еко.

Директорот на Францускиот институт за анатолиски студии во Истанбул, Жан Франсоа Перуз, објаснува дека Турција чувствува одговорност кон сунитите, "која се шири многу подалеку од границите на поранешната Отоманска империја."

Според него, Ердоган се обидува да го промовира пред светот "турскиот модел", кој е комбинација на економски либерализам, религиозен конзерватизам и демократски стандарди. Моделот првично доби повеќе пофалби, за сега да е генерално критикуван заради промената во владеењето на Ердоган кон авторитарноста и неговото однесување во однос на Сирија.

И покрај ова продолжува турскиот план за градење на џамии низ целиот свет, за што Турското претседателство на Дијанетот во 2015-та доби буџет од 2 милијарди долари.

Проектите на Анкара во странство речиси никогаш не минуваат без проблеми. Нивниот план за изградба на најголемата џамија во ЕУ во Букурешт предизвика сериозна поделеност во Романија, а слично е и со проектот во Тирана.

Слични проекти Турците подготвуваат и на Хаити и во неколку јужно-американски држави. Јужна Америка е посебно интересна тема за Ердоган, кој пред две години инсистираше дека муслиманите ја откриле Америка три века пред Колумбо.

21 април 2016 - 12:42