Француската левица има проблем со исламофобија

Деновиве француската левица излезе на протест против исламофобијата во земјата, претходно имаше отворено писмо против истата, меѓутоа најзабележително на двете беше отсуството на дел од истата таа левица.

Пратеници од радикално левата ЛФИ првично најавија дека ќе учествуваат во маршот, за со тек на време да се дистанцираат од него (еден со објаснување дека ќе игра фудбал дента). Се повлекоа и дел од пратениците на Зелените (инаку потписници на писмото), а од Социјалистичката партија порачаа дека не може да поддржат критика на секуларните закони.

Историски, првиот судир меѓу левицата и исламот во Франција е од 1989-та, кога три тинејџерки се избркани од училиште во близина на Париз затоа што носеле шамија на главата. Ова доведува до јавна дебата, и левицата се дели на оние што го поддржуваат правото на девојчињата да одат на училиште, без разлика на облеката и оние кои тврдат дека шамиите се спротивни на француските секуларни принципи, кои бараат религијата да биде исклучена од јавните училишта.

Последниве години, Франција воведе закон против „религиозни симболи“ во училишта, посебен закон против носење нихаб во јавност, а вонредна галама се крева секое лето од 2016 до денес по појавата на „буркини“ (бурка-бикини).

„Секоја од овие контроверзии ја засилува нео-републиканската агенда, за која силниот секуларизам е клучен за францускиот национален идентитет. Ова некогаш заличува на Денот на мрморецот, бидејќи на секои неколку месеци, избива нова полемика околу секуларизмот и исламот. Само годинава имавме вжештена дискусија околу ’спортскиот хиџаб’, пристап во јавни базени за жени во буркини и проширување на забраната за носење на религиозни симболи во училиштата на оние кои ги надгледуваат училишните екскурзии, вклучително родителите,“ пишува Тимоти Пис во текстот за Ал Џезира.

Околу сите овие ситуации постојано кружи проблемот со зборот „исламофобија“, па иако се признава дека во Франција има дискриминација кон муслиманите, терминот се доживува како „злобен обид да се замолчи критиката на религијата или како алатка на политичкиот ислам.“

Заради ова и дел од француските анти-расистички организации не го ни користат зборот, туку повеќе го претпочитаат терминот „анти-муслиманско непријателство“. Ова важи и за официјалното тело на француската влада за борба против расизмот и омразата, а поранешниот француски премиер ја нарече исламофобијата „тројански коњ на салафистите“.

Во борбата против употребата на зборот, учествуваат француски интелектуалци со свои книги во кои ја објаснуваат опасноста од користењето и легитимизирањето на зборот исламофобија, пред некое време беше забранета конференција на која требаше да се дискутира околу феноменот, а академикот Анри Пена-Руиз предизвика контроверзии со изјавата дека човек „има право“ да биде исламофобичен (како дел од правото да се критикуваат сите религии).

„Вакви дебати околу значењето на зборовите можат да бидат прилично површни, ама тие отсликуваат долгорочни несогласувања во француската левица околу соодветната врска меѓу универзалните принципи и менаџментот на религиозните разлики. Ризикот секако е дека клучната порака од демонстрациите на 10 ноември - крај на дискриминација како и вербално и физичко насилство против муслиманите - едноставно се губи во репетитивните дебати околу семантика,“ пишува Пис.

12 ноември 2019 - 13:04