Подла машка победа

Изреката "тато носи, мама меси" одамна е сменета. Не затоа што мама веќе не меси туку затоа што таа е онаа која носи. А тато? Го дрви во кладилница.

Четири од десет жени се тие кои ги носат главните приходи во домот а сè повеќе мажи уживаат да бидат "домаќинки", барем во Велика Британија.

41 процент од жените имаат поголеми приходи од своите брачни или друг вид партнери, што е значајна промена од пред две децении кога ги имало 26 проценти. Во просек, таквите заработуваат 14.000 фунти годишно повеќе од своите "посилни" половини.

Во меѓувреме, забележале дека нивните мажјаци со задоволство прифаќаат да останат дома и да се грижат за децата и за куќата. 70 проценти од жените веруваат дека нивните мажи уживаат во тој статус. Само 6 проценти од "издржуваните" мажи не се помируваат со поделбата на улогите а 10 проценти издејствувале договор со своите жени пред други да го кажуваат него како главен приходувач.

Лани на островот бројот на жени домаќинки бил намален за 50.000 додека во домаќини се регрутирале рекордни 209.000 мажи.

Групација на жени домаќинки вели дека ед нефер што владините мерки за излез од кризата ги принудуваат жените да бараат работа за плата.

Да подвлечеме црта - еманципираната жена рга како грешен ѓавол (шефица, директорка, што и да е) по цел ден и доаѓа дома папсана а мажот се јавува во утрински емисии за да добие некоја гратис карта за кино, шетка по тезги да купи зарзават и после си прави мезе, тура ладна ракија и крчка ручек.

Задоволни?

19 јули 2013 - 10:22