Манифестот против различноста што се врти низ канцелариите на Гугл

Анонимен инженер на Гугл напиша тирада од 10 страни против разноликост / диверзитет на работното место. Пред да се продолжи со муабетот од Гугл сакаат да знаете дека вработените на компанијата масовно го осудуваат тоа што тој го напишал. Токму ова “масовно” е и една од главните причини зошто човекот го напишал текстот.

Неговата главна забелешка е дека во компанијата постои дискриминација кон политички конзервативните вработени, и дека постигнувањето на идеолошка еднаквост во рамките на компанијата треба да биде приоритет.

Авторот во документот аргументира дека треба да се престане да се претпоставува дека разликата меѓу половите (застапеност и плата) во Гугл е последица на сексизам , туку дека е резултат на психолошките разлики меѓу мажите и жените, и дека компанијата треба да престане да нуди програми за поддршка на недоволно застапените групи.

Насловот на документот е "Идеолошката ехо-комора на Гугл", а во него компанијата се повикува "да ги замени своите иницијативи за диверзитет со иницијативи кои промовираат 'идеолошки диверзитет'".

По ширењето на документот, авторот го едитира и пред самиот почеток додава "одговор на јавната реакција и извитоперувањето" (на неговата содржина):

"Јас ја вреднувам разноликоста и инклузивноста, и не отфрлам дека постои сексизам, и не го поддржувам користењето стереотипи.

Кога зборуваме за јазот во застапеноста на популацијата, треба да ги земеме предвид нивоата на популациска разлика во распределбата. Ако не можеме да имаме искрена дискусија околу ова, тогаш никогаш нема вистински да го решиме проблемот.

Психолошката безбедност е изградена врз меѓусебна почит и прифаќање, ама за жал нашата култура на засрамување и искривување на вистината е неучтива и го отфрла секого што е вон нејзината ехо-комора.

И покрај јавната реакција, добив пораки од голем број колеги кои ја изразуваат својата благодарност за тоа што ги истакнав овие важни прашања со кои тие се согласуваат меѓутоа никогаш не би имале храброст да ги кажат или да ги бранат пред се заради нашата култура на засрамување и можноста да бидат отпуштени."

Целиот текст го имате тука

7 август 2017 - 12:31