Екстерно за професори

За да ги зајакне образовните стандарди, канадската провинција Онтарио реши дека за да ја добијат потребната лиценца, кандидатите за наставници во иднина ќе мора да положат тест по математика. Базичен, најбазичен.

„Мораме да се осигураме дека нашите ученици пред себе ќе имаат наставници со капацитет да ги научат и матаматика која е потребна денес и математика која ќе им биде потребна на идните работни места“, изјави министерката за образование на Онтарио, Лиза Томпсон.

Деталите од одлуката допрва ќе се прецизираат па не се знае како тестот ќе се спроведува и колкав ќе биде неговиот опфат.

Онтариот е првата канадска провинција која воведува задолжителен тест по математика за  наставничкиот кадар иако тоа го има на други места. Во Австралија, на пример, каде што основни познавања по математика им се потребни на сите наставници, без оглед на тоа кој предмет го предаваат.

Математиката е особено интересна за канадската јавност откако неколку последователни тестирања покажаа дека учениците особено слабо стојат со тој предмет. А Онтарио пак, посебно лошо стои во национални рамки.

На канадскиот универзитет Лејкхед кој профилира педагошки кадри, на кандидатите за наставници им биле давани основни тестови по математика. Секој трет паѓал покажувајќи незнаење за основните математички концепти и операции како што се проценти, волумен, множење и делење и слично. На Лејкхед идните професори имаат право три пати да паднат на таков тест по што им се вика дека изгледа не се баш за таа работа.

26 октомври 2018 - 16:50