Добро е ова 4-дневна работна недела

За впечатокот да биде комплетен, не е само да работиш 4 дена во неделата, туку и да те плаќаат за 5.

Додека локални газди со темјан го кадат мониторот против уроци додека ги читаат овие зборови, глобалните искуства се дека вака скоцканата работна недела носи поголема продуктивност, помотивиран персонал и негово помало трошење.

Ројтерс пишува за сведоштва на повеќе компании од различни држави (Британија, Германија, Нов Зеланд, Јапонија..) за тоа како кај нив завршиле обидите за скратување на работната недела. И главно се позитивни, освен јапонското каде не можат да ги убедат вработените да не доаѓаат понеделнички од сабајле.

Целата пракса најдалеку е стигната во Англија каде синдикатите се борат 4-дневната работна недела да се воведе како задолжителна на ниво на државата, и за ова имаат добиено поддршка од опозициската Лабуристичка партија. Аргументот на синдикатите е дека скратената работна недела е начин за работниците да уживаат во богатството создадено од новите технологии како паметни машини и роботи.

Откако изминативе децении, доминантно благодарејќи на технологијата, стигнавме до 24-часовно бдеење над работата последниве години почна сериозен тренд на олабавување и генерално дисконектирање од работа, во име на личен мир и раат.

Така некои компании почнаа превентивно да блокираат секаква службена комуникација на вработените по работното време или на годишниот одмор, на други места вработени индивидуално решаваат да го направат тоа.

„Луѓето почнуваат да се откажуваат од 24-часовниот дигитален живот што сега го имаме и им стануваат јасни менталните проблеми кои произлегуваат од константната конектираност со работата,“ објаснува експертката за трендови од Ј. Волтер Томсон, Луси Грин.

Во едно од сведоштвата за скратената работна недела, програмерот и основач на компанијата за менаџмент на проекти, Планио, Јан Шулц-Хофен, врз основа на своето искуство со 4-дневната работна недела објаснува:

„За четири дена не завршив ништо помалку работа отколку за пет, затоа што во 5 дена постојано мислиш дека имаш повеќе време, дека ти треба подолго за да сработиш, си дозволуваш секакви паузи, подолго пиеш кафе или разговараш со колегите.

Сфатив дека со 4 дена, морам да бидам брз, морам да сум фокусиран и сакам петокот да ми е слободен.“

Меѓу моделите што ги разгледуваат Шулц-Хофен и неговиот тим е дали да се остане на 5 дена, ама со скратено работно време, или да се има фиксен број на часови (намалени) со можност тие да бидат флексибилни. На крај сепак се решаваат дека најцелисходно е 4 дена по 8 работни часови.

Клиентите на Планио што ќе се јават во петок, добиваат снимена порака во која се објаснува зошто нема никој во канцеларија, и главно до сега не им се бунат за тоа.

18 декември 2018 - 11:18