Батали мултитаскинг, гледај си работа

Привидот е дека правиш мултитаскинг, додека во пракса ти не вршиш повеќе од една работа во исто време туку само брзо се префрлаш од една на друга, и баш ова префрлањето е тоа што те истоштува.

Префрлањето меѓу задачи / работи ги троши ресурсите во мозокот кои се неопходни за фокусирање на одредена задача.

"Ова префрлање доаѓа по одредена биолошка цена заради која многу побрзо се чувствуваме уморно, отколку ако го задржиме нашето внимание на една работа.

Луѓето јадат повеќе, или внесуваат повеќе кофеин, меѓутоа најчесто она што ти треба во моментот не е кофеин, туку само пауза. Ако не правиш редовни паузи на неколку часа, твојот мозок нема никаква корист од уште една шолја кафе," објаснува професорот по бихејвиорална неврологија, Даниел Левитин.

Професорот пренесува неколку студии кои покажуваат дека луѓето што на неколку часа прават 15-минутни паузи, се попродуктивни. И не е важно што правиш на паузата, дали зјапаш низ прозор, слушаш музика или читаш, се додека не проверуваш Фејсбук, бидејќи "социјалните мрежи само дополнително го распарчуваат вниманието, како што се префрлаш од еден статус на друг."

Од Универзитетот Калифорнија, Ирвин, пренесуваат друга статистика, прилично поразувачка за секој шеф што во име на продуктивност ти влегува во канцеларија "на 2 минути да видам до кај си со работата", според која откако човек е прекинат во работа му требаат 23 минути и 15 секунди за да се врати на тоа што го работел.

Трет професор, овој од Универзитетот Калифорнија, Сан Диего, објаснува дека не сите обиди за мултитаскинг се подеднакво истоштувачки. Па ако "правиш нешто на автопилот" тогаш не е проблем да вршиш и друга работа, меѓутоа ако се обидуваш да завршиш две задачи кои бараат внимание, дури и да се едноставни, тогаш тоа ја цеди твојата продуктивност.

Затоа што никој не очекува и не треба да очекува дека ќе го совлада мултитаскингот, решението се сведува на одделување време за секоја активност и вршење една по една работа. Пример, проверување меил наутро и уште еднаш на пладне, одделување 10 минути попладне за Твитер и слично. Притоа од голема помош би било да се исклучат сите непотребни нотификации што ги добиваш во текот на денот.

7 јули 2016 - 11:38