Ако имате глупа работа, со паметот не сте добри

За среќа, никој овде ја нема за озбилно земено поговорката „џабе работи, џабе не седи“, инаку, тоа ќе имаше несогледливи последици по здравјето на нацијата. Последни истражувања велат дека за менталното здравје на еден човек е пострашно ако има шкарт работа отколку да нема никаква работа. Како да преживее без работа, не кажуваат.

Студијата објавена во журналот Occupational and Environmental Medicine, лошата работа ја дефинира како онаа која е досадна, под можностите и вештините на човекот и е нестабилна. Обавувањето таква работа е полошо за нечие ментално здравје и општа добросостојба отколку да се биде без работа.

„Оние кои успеале да дојдат до оптимални работни места покажуваат значајни подобрувања во менталното здравје отколку оние кои останале невработени. Меѓутоа, оние кои се нафатиле на неквалитетна работа, во поглед на менталното здравје стојат многу полошо отколку невработените“, заклучува студијата после спроведените истражувања.

Тие рангирале работни места по нивните психосоцијални елементи, во смисла колку тие промовираат интегритет, слобода и разновидност, а резултатите им покажуваат дека тие елементи директно влијаат врз тоа колку некој човек е среќен.

За среќа на многумина кои држат досадна и еднолична работа, тука е Фејсбук за да им пружи заводлива илузија дека секојдневно учествуваат во решавање важни прашања на државата и вселената.

27 октомври 2017 - 08:30