Ај после ќе ставиме наслов

Завршувањето на безгрижното лето потсетува на ужасот на сите обврски кои доаѓаат со есента. Истовремено, и на слатката радост дека сето тоа може некако да се забуши.

"За што служат сите оние факултетски училници, амфитеатри, читални и библиотеки ако не за зјапање во празно, меркање потенцијални кандидати за секс, слушање музика од слушалки или планирање на вечерната пијанка", пишува BBC на темата procrastination, или, на нашки -  фаќање кривина, одложување на важните работи, одолговлекување, влечкање, тегнење и -најглупавиот збор - забошотување.

Професор Пирс Стил од Калгари спровел опсежно истражување на оваа тема и утврдил дека горе- долу (95 проценти) од луѓето знаат во некој момент да прибегнат кон одолговлекување.

20 проценти се сериозни кривинаши на кои фрлањето обврски под килим им станал начин на живеење. За нив, резултатите не се баш добри. Тие завршуваат со помалку пари од другите, помалку се среќни и живеат пократко, веројатно затоа што одолговлекувањето умее да го направи животот комплициран.

Многумина тврдат за себе дека се махери за извршување обврски во последен момент иако е утврдено дека во таков случај се прават многу повеќе грешки. Сепак, брзината на донесувањето одлуки знае да биде ценета особина во модерните западни општества. Оттука, државници како Маргарет Тачер или Џорџ Буш кои не се мислеа многу пред да се втурнат во војна на Фокландите или Ирак, често се повеќе ценети од оние политичари кои повикуваат на смиреност и умереност.

Иако науката и псевдонауките одамна на лагер имаат еден куп практични совети како да се избегне избегнувањето, добар дел од човештвото ќе останaт следбеници на литературниот татко на забушувањето Даглас Адамс и неговата мантра:

"Ги обожавам роковите, особено звукот на нивно фијукање додека минуваат покрај мене"

 

17 октомври 2012 - 17:39