Подемот на албанските нарко-дилери во Британија

Првично познати по управувањето на борделите (во ултра вносниот центар на Лондон) благодарејќи на шверцот на бело робје и оружје од војната во Косово, албанските криминалци во Британија полека станаа главни играчи во уште еден сегмент на британското подземје: продажба на дрога.

Албанските криминални групи во Британија, според извештајот на тамошните власти, успеале да наметнат "значителна контрола" на британскиот пазар за трговија со дрога, посебно во сегментот на високо квалитетен кокаин.

До пред две години во земјата има константен број на судски случаи со албански криминалци обвинети за дистрибуција на најразлични дроги, вклучувајќи хероин и марихуана, која во големи количини се одгледува во Албанија. Од 2015, случаите во кои е вклучена оваа група криминалци речиси исклучиво се за високо квалитетен кокаин.

На 7-ми август годинава, уапсен е Клодјан Копја, босот на албанската криминална нарко мрежа што го држи западен Лондон. Тој завршува во затвор со уште 41 лице заедно обвинети за внесување и ширење кокаин во Британија во вредност од 60 милиони фунти. Копја успева да избегне апсење во три наврати од 2014 до 2016, и продолжува со шверц на кокаин во Британија се до неговата екстрадиција од Грција во март годинава.

Во април годинава во затвор завршуваат уште пет членови на албанска криминална група базирана во Лондон. Тие добиваат над 100 години казна затвор откако се фатени како во Британија внесуваат 30 килограми 90% чист кокаин сместен во тајна преграда на Бентли флаинг спар од 130.000 фунти. Полицијата сомнева дека групата до тогаш има внесено околу 1.000 кила кокаин во 20-30 патувања што ги направила од Лондон до Европа во период од две години.

Додека албанските криминалци внимателно го работат бизнисот со трговија на луѓе, девојки за секс препродавани на клиентелата во Лондон, тие полека сфаќаат дека заработувачката кај кокаинот е многу поголема. Истите овие групи на постојната инфраструктура што ја имаат за шверц на луѓе, оружје останато од војната во Косово и пари од криминал, додаваат и шверц на дрога.

"Ширењето на албанските криминални групи во Британија го содејствува со зголемувањето на албанската популација во Обединетото кралство во изминатата деценија; како што растеше популацијата, албанските криминални банди почнаа да се поврзуваат меѓу себе во Британија. Албанците исто така сочинуваат една од најголемите групи на нелегални мигранти во Британија. Бандите кои оперираат таму ја користат оваа популација што не ја фаќа 'радарот', а исто така многу вешто успеваат да најдат начин за соработка со мешавината на странски и домашни криминалци, правејќи за себе репутација дека се поуздани," пишува Макс Дали во текстот за Вајс.

Како што објаснува заменик директорот на британската НЦА (National Crime Agency), Стив Бенет "тие се многу добри во работа едни со други, затоа што обично ја завршуваат работата што рекле дека ќе ја завршат, и тоа го прават на време и според договореното. Не се алчни во работата. И можеш да се потпреш на нив - што во светот на криминалот ги прави многу привлечни за соработка."

Што се однесува за наводната насилност на албанските криминалци, ставот на Бенет е дека тоа е стандарден мит за секоја нова група што ќе се појави, "а во реалноста криминалните групи од Балканот, вклучувајќи ги и Албанците, не се ништо понасилни од кои било други".

Ваквиот став го дели и криминологот од Сити Универзитетот во Њујорк, Јана Арсовска, која во нејзината книга "Декодирање на албанскиот организиран криминал" објаснува дека албанските криминалци имаат многу поголема репутација за насилство отколку што заслужуваат.

Арсовска објаснува дека албанските шверцери на дрога од САД, како групата Тачи, се одговорни за апдејтот што го прават албанските криминалци на европско тло и фокусирањето на шверцот на кокаин. Токму групата Тачи помага кокаинот од Венецуела да се префрли во Европа, поточно на Балканот. (Внукот на Енвер Хоџа, Ермал Хоџа, во јули годинава беше осуден на 10 години казна затвор за шверц на кокаин од Јужна Америка во Западна Европа.)

Кратко по ова, албанските банди во Британија почнуваат да испраќаат свои претставници во Јужна Америка и да купуваат кокаин на тон.

"Како што еден британски шверцер на кокаин ми кажа: 'Тие сфатија дека најдобар начин да се работи е да се купува кокаин, а потоа ги искористија своите сонародници за да организираат превоз до Албанија, каде што имаат корумпирани цариници кои се подготвени и чекаат безбедно да ги пројдат контејнерите со дрога преку граничната контрола во Албанија. Од таму тие ги користат шверцерските рути за да испратат големи количества кокаин во Британија, каде многу добро организирани мрежи Албанци го дистрибуираат и продаваат кокаинот. Голем процент од кокаинот во Лондон влегува во земјата на тој начин. Тие станаа синоним за кокаин со чистота од 60 до 70 проценти кога го купуваш на кило.'

Албанците се само последните во долгиот низ странски банди кои дојдоа во Британија за да ги соберат плодовите од трговијата со дрога, надевајќи се дека од тоа ќе создадат услови за пензионирање во својата родена земја. А со големата побарувачка за кокаин и изразитиот недостаток на вооружен судир меѓу бандите на британскиот терен, коректно е да се претпостави дека има простор и други да се приклучат во забавата," пишува Дали.