Пивото добива уште една благородна титула

Пивото не е само доказ дека Господ нè сака и сака да бидеме среќни. Пивото е и „животно за емотивна поддршка“. Така ги регистрирал своите пива еден Американец и тоа го сторил со една многу разумна, тоест трезвена причина. Со „животно за емотивна поддршка“ те пуштаат и онаму каде што забрануваат влез за обични животни.

Американското законодавство ппризнава категорија „сервисно животно“ или животно-придружник (главно кучиња) кои се обучени да им помагаат на луѓе со хендикеп, на пример слабовидни или слепи лица, и на кои како такви законски им е дозволен влез во различни институции и јавни објекти.

Постои и друга, слична категорија, „животно за емоционална поддршка“ кое докторите го препорачуваат на лица со симптоми на панични напади или анксиозност. Тука може да спаѓаат патки, алигатори, па дури и паун кој некој под ваков изговор се обидел да го внесе во авион на Јунајтед ерлајнс. Минатиот месец, пак, човек од Аризона регистрирал пчелно семејство како сопствена емоционална поддршка, само за да докаже дека тоа е и можно и прилично лесно.

Доаѓаме до жител на Бруклин по име Флојд Хајс кој отишол чекор понатаму и како свое „животно-придружник“ за емоционална поддршка си регистрирал - пиво. Видот и марката на пивото не е специфицирано, но наведено е дека нему поддршката му е потребна поради „социјална анксиозност“.

„Често патувам на работа со автобус, во кој не е дозволено пушење или пиење алкохол освен со претходна писмена дозвола. Отсекогаш се прашував од каде се добива таква“, напишал тој.

Своето милениче го регистрирал на сајтот USAServiceDogRegistration.com, и добил потврда дека „beer“ сега и официјално му е придружник. Додуша вработена во службата за регистрација на животни-придружници изјавила дека онаа направена преку нивниот сајт нема правна тежина, и дека на корисниците би му била потребна потврда од доктор за да си го качи животното на авион или да го носи на работа. Оттаму, излегува дека овој и сличните сајтови само собираат приватни податоци за корисниците, без реално да им помагаат. Потегот на Хајс, кој себеси се нарекува пионер на герила маркетингот, повеќе е привлекување внимание кон слабостите на системот.

*******

Види и:

Како пивото ни даде цивилизација

Погрешно сипате пиво, па тоа ти е

 

22 јануари 2020 - 14:50