Кога кафаната е крива што гостите не држат

Австралиски локални власти, јавност, надлежни организации и агенции извршија „десант“ на една сиднејска кафана затоа што послужила 86 пијачки, на 5 гости, за 6 часа. П.С. ова воопшто не го гледајте како предизвик, затоа што не е.

Главен негативец во случајот е корејски ресторан, кој 86-те чашки им ги послужил на група од 5 гости. Станува збор за корејската пијачка соџу, која се добива од ориз, пченица или јачмен,  обично се прави со сила од 20 степени иако може да дојде и до 50 (стандардна ракија, жолта на Тиквеш, е 40 степени), и се служи во чашки како за ракија.

Прво за жртвите: еден маж и една жена од групата се најдени онесвестени на тротоарот и улицата пред ресторанот. Бонус, жената лежела на тротоарот во вир од сопствена повраќаница, а мажот подоцна бил „спасен“ од група работници кои го кренале од улица и го легнале на тротоар.

Жената веројатно е истата која на снимката од ресторанот се гледа како ја изнесуваат за раце и нозе.

Полицијата реагира некаде пред 2 часот наутро и ги носи двајцата во болница.

Сега за казната: Агенцијата за алкохол и коцкање му запиша прекршок на ресторанот (по закон имаат право на три прекршоци) а допрва ќе се одлучува дополнителна казна, како скратување на работното време.

Една од најпоразувачките изјави доаѓа од првиот човек на агенцијата:

„Не можам да верувам дека вработените можеле да послужат толку голема количина алкохол на група од пет гости и да не преземат никакви мерки за да се избегне екстремно пијанство“.

Ние правевме математика за вие да не мора да се мачите:

86 чашки : 5 луѓе = 17,2 чашки пер човек.
17,2 чашки : 6 часа = неполни 3 чашки на час.

Некој претерува... или тие, или ние.

4 септември 2019 - 12:07