Даноци кои завршуваат со мамурлук

За сите мудреци кои веруваат дека една од мерките за создавање на НОВИОТ човек е зголемување на даноците на алкохолот затоа што на тој начин тој ќе им стане помалку достапен на луѓето, еден течен пример од Русија.

Во јуни годинава, во татковината на вотката легално се произведени 40 проценти помалку од оваа омилена пијачка на нашите словенски полубраќа (пошто они не се плус антички) во однос на истиот месец лани.

Дали ваквиот пад значи дека Русите конечно решиле потрезвено да му пристапат на својот живот? Не баш. Тајната во првата реченица се крие во зборот - легално.

На почетокот на 2013-та, стапи во сила 57 процентно зголемување на даноците за тврдите алкохоли. Епилог - легалните производители драматично ја губат битката со илегалците кои, според процнеките, во моментов контролираат 30-тина проценти од пазарот.

За само 6 месеци, легалното производство на вотка паднало за 28 проценти. Спомнатите 40 проценти се должат на ланското пумпање на пазарот со залихи во очекување на најавените зголемувања на даноците.

За време на заживувањето на мерката, експертите очекуваа да се случи пад во легалното производство, но, не толкав. Нивните прогнози се држеа на 10-15 проценти.

"Продажбата на бутлег вотка доби масовни пропорции. Илегална вотка деновиве можете секаде да купите", вели Вадим Дробиз од федералниот центар за истражување на пазарот на алкохолите.

Компаниите кои прават вотка особено се загрижени заради најавата дека следната година ќе ја дочекаат со ново, 25 процентно зголемување на акцизите на тврдиот алкохол.

"Следната година, кога данокот повторно ќе се качи... страв ми е дури и да мислам на тоа," вели претставник на една голема компанија за производство на вотка.

26 јули 2013 - 14:25