Таблетa што ќе го замени одењето во теретана

Звучи премногу добро за да би било вистинито но ние мрзливите со задоволство би ѝ дале шанса. Седиш, јадеш а мускулите сами се пумпаат. Па да се видиме на плажа после!

Веста која нема да им се допадне на фитнес инструкторите и сите останати кои на сличен начин заработуваат од туѓата пот вели дека екипа истражувачи се на добар пат пат да изработат пилула со која ќе се постигнуваат исти ефекти како со вежбање.

По анализа на материјалот добиен со мускулна биопсија на испитаниците пред, за време и после нивно вежбање, истражувачи од Универзитети во Сиднеј и Копенхаген утврдиле дека за време на вежбањето се случуваат преку илјада уникатни молекуларни промени. Комплексноста на ситуацијата беше и досега позната но овие велат дека успеале да направат комплетен отпечаток на таквите промени.

„Науката и досега претпоставуваше дека за време на тренинг се случуваат серија сложени промени во мускулите, но сега за првпат можеме нив прецизно да ги идентификуваме и врз основа на тоа да биде создадена таблета која ќе го репродуцира ефектот што се постигнува со вежбање," велат истражувачите.

Тие уште сега порачуваат дека таблетата нема да може во целост да ги замени поволностите од вежбањето. Нејзина главна цел би била засилување на мускулите и намалување на холестеролот, но, на пример, таа нема да предизвика нови дози ендорфин, хормонот кој ги прави луѓето задоволни после вежбање.

Слично како и со витаминските суплементи - на телото повеќе му годат свежото овошје и зеленчук, луѓето секогаш сакаат да пробаат и на некој полесен начин.

17 октомври 2015 - 11:55