Зини да ти кажам

Конечно постои сигурен начин да се докаже нечија македонштина: брис од грло. Само уште тоа ни фалеше.

Последниве неколку години науката собра фасцинантни сознанија за катаљардите невидливи гадови кои живеат во нашето тело - бактериите. Доста интригантни заклучоци носи една студија од Охајо во која биле испитувани микроскопските подстанари во устите на 192 волонтери.

Со семплирање на ДНК материјалот биле идентификувано вкупно 398 различни видови. Во просек, секој од испитаните имал по 148 вида бактерии во својата уста (заби, јазик, непца, грло).

Истражувачите се зачудени од шареноликоста меѓу индивидуите - само 8 бактерии ги имало во секоја уста.

"Немаше двајца луѓе со целосно иста комбинација бактерии. Сечија листа беше како отпечаток од прст", велат тие. 

Најинтересен податок е дека разновидноста на бактериите не е целосно случајна: комбинациите имаат врска со етничката припадност. Откривањето на етничката припадност со помош на бактериски тест имало различен успех кај различните групи: кај латино луѓето 62 проценти додека кај црнците со 100 постотна прецизност. 

Научниците веруваат дека варијациите по етничка линија се од генетска а не од социјална природа бидејќи прехрамбените и други навики кои ги делат луѓето од иста етничка група имат многу малку врска со природата на колониите бактерии во нивните усти.

24 октомври 2013 - 10:13