Што знае бебе што е вселена

Холандски старт-ап ја прекина својата работа откако нагло воочи дека нивниот главен производ, породување во вселената, има сериозни „етички, безбедносни и медицински проблеми“.

ЦЕО-то на Спејслајф ориџин изјавил дека нивниот план да бидат „првата компанија што ќе направи човековата репродукција во вселената да биде безбедна“ бил „нереалистичен“. За идентично нереалистичен тој ја прогласил и временската рамка во која требало сето тоа да се заврши.

Изјавата на ЦЕО-то Кис Мулдер беше објавена на веб-страната на компанијата, и таа ја замени целата останата содржина на сајтот. Во изјавата пишува и дека заради „сериозното и непоправливо нарушување на довербата“ тој ја прекинал комуникацијата со ко-основачот на компанијата Егберт Еделброк.

Еделброк не одговорил на прашањата околу целата работа, а во дополнителните контакти Мулдер изјавил дека му било советувано од адвокатите да се воздржи од дополнително разговарање на темата.

Планот на Спејслајф ориџин за вселенско породување беше составен од три дискретни мисии.

Во првата, сперма и јајце клетки се испраќаат во ниската орбита на Земјата во специјални сателити, што треба да докаже дека тие можат да ја издржат тамошната околина. Сето ова потенцијалните родители ќе можеа да го следат преку видео пренос, а цената на оваа фаза е од 30 до 125 илјади долари по епрувета.

Во втората мисија, повторно се испраќаат репродуктивни клетки кои седат во вселената четири дена, по што зачнатиот ембрион се враќа на Земјата и таму се имплантира во мајката. Ова фаза чини од 250.000 до 5 милиони долари.

Третата и последна мисија, предвидува трудна жена за прв пат во историјата да се породи во вселената. Оваа мисија по нивни пресметки би траела меѓу 24 и 36 часови.

Крајот на Спејслајф ориџин не ја измести претерано траекторијата на Мулдер кој најави дека наскоро ќе го престави својот нов план за вселенска компанија, која овој пат нема да има никаква работа со трудници и бебиња.

22 јули 2019 - 15:27