Проблемот со Маршот за наука

Во саботата стотици илјади само-прогласени поддржувачи на науката излегоа на над 600-те итерации на Маршот за наука низ целиот свет, и покажаа колку не ја разбираме науката.

Џереми Фауст во Слејт пишува дека делумно учествувал на маршевите, поточно им се приклучил само на оние што минале кај него под тераса. Впечатокот од таму, барем што се однесува до паролите, му е дека либералите си нашле изговор да напишат "некои стварно лоши, и, ОК, некои вистински врвни, шеги и да ги стават на картон".

"Ама еве што е проблем: Малку од она што го видов ме разубедува од моето верување дека, дури и меѓу елитата која смета дека ја поседува науката, најголемиот дел од луѓето немаат претстава како таа функционира.

Научниот метод сам по себе е под постојан напад од внатре од самата научна заедница, а и без прекин е поткопуван од т.нр, поддржувачи, вклучително и на маршови како во саботата. На долг рок такви демонстрации многу малку ќе помогнат во решавање на лепезата проблеми со кои науката се соочува и наместо тоа би можеле да ги поткопаат нашите обиди да ја користиме науката прецизно и продуктивно," пишува Фауст.

Тој своето тврдење дека мноштвото "про-наука" демонстранти немаат поим за што се излезени на улица го објаснува:

"Да се биде ‘про-наука’ стана бизарен културолошки феномен во кој либералите се вклучуваат во јавно искажување на само-пресметана интелигенција како вид на уметнички перформанс, притоа демонстрирајќи нула докази што тоа го поткрепуваат. Секој ден, многумина од моите 'најосвестени' пријатели се брзи во постирање и ретвитање вирални содржини околу тоа што 'кажува' науката или што 'докажала'.

Меѓутоа погледнато од близу, најголемиот дел од она што се споделува е чисто срање и е само дијагноза за една работа: состојбата на науката (и научната писменост) во земјава, и во најголемиот дел од планетата, е ужасно лоша...

...Да се разбереме: луѓето ја сакаат науката кога таа ги поддржува нивните гледишта."

Како што самиот порачува, сето ова што тој го пишува "никако не значи дека луѓето што ја оспоруваат науката се во право за која било тема. Напротив. Тие остануваат примарниот непријател и не се во право во зачудувачки големо мнозинство од случаите."

25 април 2017 - 13:18