Дали тиктокери го открија заговорот (на Гејтс) за покривање на светот со лажен снег?

Ако нешто не лаже, тоа е видео, а на видеата кои деновиве кружат на Тикток се гледа како топки тазе собран снег не се топат кога директно ќе ги ставиш на оган. Исто така и физика не лаже, ама тоа е за тие што веруваат во физика.

Прво да почнеме со поинтересниот дел. Виралните видеа покажуваат дека Бил Гејтс, а според некои Кина, почнал да испраќа лажен снег во САД со единствена цел, да ги увери Американците дека климатските промени се вистински.

Кинезите пак имаат помалку глобална агенда и ним намерата им е само да направат Тед Круз да изгледа како негативец. (Сенаторот Круз сред најголемата снежна бура во Тексас во последниов век, реши да оди на одмор во Мексико, затоа што ќерките му запнале.)

Како што објаснува една од тиктокерките, а нема што да објаснува кога јасно се гледа, кога се обидува да ја запали грутката снег од нејзе не излегува „ниту вода, ниту капки, ниту ништо“. Според нив за лажниот снег, меѓу другото, се користи метал за да биде поиздржлив па топките не смеат да се стават во микро-печка.

Подоцна, жената од првото видео се решава дека ќе ризикува експлозија за да докаже дека снегот е лажен и ќе го стави во микро-печка за да покаже дека ниту таму нема да се стопи. Снегот се стопи.

Подосадниот дел е од ова е дека ниту Гејтс, ниту Кинезите не се смараат со снегот, туку се работи за сублимација, процес во кој супстанцата директно минува од цврста во гасовита состојба без да помине во течна состојба.

Како што пишува Гизмодо, дел од проблемот во побивањето на ваквите заговори е што самата американска влада константно лаже и никогаш не е чиста околу најразлични тајни операции што ги тера (оди објасни им на Пакистанци да се вакцинираат после убиството на Бин Ладен, кој беше откриен со помош на доктор кој спроведуваше редовна вакцинација во регионот), па народ не престанува да осмислува секакви заговори за несекојдневни настани, како на пример снег во Тексас.

22 февруари 2021 - 14:56