50 години по спуштањето на Месечината: зошто теориите за заговор никако да умрат

Верувањето дека е лажирана програмата на месечината е едно од првите големи „лажни вести“. Зошто сигурно ќе ги има уште многу.

Контроверзноста околу „лажните вести“ повторно излезе во преден план минатиот викенд, на годишнината од мисијата Аполо 11.

Во саботата, 20 јули, беа обележани 50 години откако астронаутите Нил Армстронг и Баз Олдрин ја претркаа несреќната советска Луна 15 на површината на месечината. Доаѓањето на овој датум долго време беше фиксација на поп-културата.

Помеѓу холивудскиот „Првиот човек“ (вешто ставајќи го емоционално отсутниот Рајан Гослинг во улога на Армстронг) и нападот со ретроспективи на каналите Дискавери, Нешнел џиографик, Саенс и Смитсонијан, оживувањето на Аполо беше една од ретките пријатни медиумски приказни.

Меѓутоа, како што многу медиуми се пожалија викендов, многу Американци не ја делат љубовта. Бројот на луѓето што веруваат дека слетувањето на месечината не се случило се чини дека се зголемил последниве 20 години.

Ју-Ес-Еј тудеј како пример напиша текст за Барт Сибрел, 55-годишниот Тенешанец, кој во 2002 година доби бокс во фаца од Баз Олдрин и сè уште мисли дека мисијата е филмска продукција на ЦИА (најраспространетата теорија е дека ја режирал Стенли Кјубрик). Како и антиваксерите, негирачите на месечината станаа фиксација на медиумите во последниве години.

Мајкл Смеркониш на Си-eн-eн исто така неодамна направи прилог за Сибрел и другите, поканувајќи професор по психологија гласно да ѝ се чуди на глупавоста на рамноземците, бранителите на О Џеј и негирачите на Аполо.

Една од поентите? Истражувањата покажуваат дека луѓето што веруваат во заговор би биле спремни и самите да учествуваат во заговор. Со други зборови, лошите луѓе стануваат консументи на лошите вести.

Малку е покомплицирано, ама митовите за слетувањето на Месечината се тенки. Американците генерално вложуваат завидни литературни вештини во изработката на приказните за заговор. Не во овој случај.

Најслабите приказни содржат голем број потенцијални заговорници што успешно молчат и се откриваат дури кога некој хобист на кој му здосадило ќе прогласи некоја реалност за научно невозможна. Тие потоа го наоѓаат лицето на Исус насликано на некој трупец, или вонземјански сателит на фотографија од вселенски остатоци, или, во овој случај, одраз на сценски техничар на визирот на астронаутот.

Старата „физичка невозможност“ е нервозен тик што се наоѓа во голем број од најевтините американски приказни за заговор. Само контролирано уривање може да предизвика кулите близначки така да паднат! Таква бомба нема шанси да ја урне федералната зграда во Оклахома Сити! Види го фаталниот истрел во глава што го уби Кенеди - назад е и на лево. На погрешната страна!

Но ваквите случаи вообичаено се проследени со истраги, кои откриваат докази од сведоци и го објаснуваат проблемот. Ако вашиот најдобар доказ со децении се една сенка и точка на визирот, можеби треба да размислите дали да продолжите со тоа.

Сепак, бројот на луѓето кај кои не проаѓа приказната за месечината е многу мал, околу 5% од населението. Споредете го тоа со 70-те проценти што веруваат во ангели, 45-те % што веруваат во духови или 35-те % што веруваат дека вонземјаните слетале на Земјата, и јасно е дека пред вас стои едно мало малцинство.

Цветањето на теориите на заговор е очигледно поврзано со уривањето на довербата во институциите како што се медиумите и претседателството.

Математиката е проста. Од јавноста може да побарате да голтне толку многу фикции пред да почне да измислува свои сопствени. Приказната за месечината е одлична илустрација.

Црната дамка на Аполо-наративот го содржеше моментот кога Армстронг и Олдрин, кои стоеја триумфално на лунарната почва, мораа да претрпат долг, извежбан телефонски повик од корупциската машина натопена во пот, Ричард Никсон. НАСА имаше среќа да пројде само со толку: Никсон сакаше и по слетувањето да се свири американската химна. Сепак, тоа беше непријатно потсетување за тоа како историскиот факт и политиката може да се испреплетат.

Неколку години по Аполо 11, Никсон беше избркан од Белата куќа со скандал што ја расцепка американската психа. Од тој момент понатаму, Американците никогаш повеќе нема да бидат шокирани од вест дека нивните претседатели биле лажговци или нешто полошо.

Претседателската прогресија по Никсон се движеше од баптист што ја цитира Библијата и се смета за искрен, преку премногу депресивен (Картер), потоа бившо лице на реклами за сапуни, чија тура барем беше весела и професионално изведена (Реган), до Бил Клинтон, чиј поим за вистина беше законски одбранливата изјава, односно „немав сексуални односи со таа жена“.

Кога Џорџ Буш ѝ соопшти на земјата дека се случи 9/11, бидејќи „ги мразат нашите слободи“, тој не беше исмејуван од националниот печат, кој се приклучи во неговото лудо прекумерно поедноставување на терористичкиот феномен.

Ова помогна да се постави интелектуалната сцена за инвазијата во Ирак, која содржеше низа од смешни официјални измами, од идејата дека Садам Хусеин гради нуклеарна бомба до идејата дека Ирак и Ал каеда се во иста банда.

Си-ен-ен беше голем играч во тоа фијаско, а не дека мрежата некогаш го призна тоа (за потсетување, гледајте го Волф Блицер како се грчи при испрашувањето од Џон Стјуарт на оваа тема). Публиката ги забележува овие работи.

Насоберете доволно официјални лаги и медиумски грешки и луѓето почнуваат да се прашуваат: дали четири од пет стоматолози навистина препорачуваат трајдент? Колку често уредниците на списанија ги изменуваат сликите на насловните како на пример со ликот на О Џеј? Дали медиумите прикриваат и друго освен бројки на цивилни жртви, црковни секс-скандали и детали за Џефри Епштајн?

Оттаму тие одат на поголеми историски прашања: дали во Америка навистина било пукано во Тонкинскиот Залив? Дали навистина постоел ракетен јаз? Кои други програми за масовно надгледување ги крие НСА? И така натаму.

Пропатувајте ја Америка и ќе најдете луѓе што веруваат во многу чудни работи. Имате фејсбук-групи што планираат напади врз Областа 51, култови што веруваат дека рептили од вселената што можат да си ја менуваат формата се инфилтрирале во човековите влади, па дури и Музеј за создавањето во кој има скелет на алосаурус како доказ за библискиот потоп.

Овие точки на чудност некогаш се сметаа за безопасна, дури и шармантно ексцентрична карактеристика на американскиот живот. Една-две големи религии во оваа земја произлегоа од групи од чудаци што ја практикуваат слободата на собирањето.

Сега скоро едногласната процена на нашата интелектуална елита е дека мора да се сосечат лудачките пипци, ако треба и со контрола на интернет-страниците.

Сè додека не се соочиме со причините поради кои луѓето ја изгубиле вербата во официјалните наративи, теориите на заговор веројатно ќе продолжат да се размножуваат. Не е дека луѓето не сакаат да веруваат објективната вистина. Само станува сè потешко да се открие каде лежи таа.

Овој фон беше огромен и недоволно објавуван поттекст на феноменот Трамп. Медиумите продолжуваат на баталјони новинари да им даваат задача да ги документираат измамите на Трамп, во очигледното уверување дека ова ќе влијае на неговата поддршка.

Но гласачите на Трамп знаат дека тој лаже, и најчесто не им е гајле. Неговите лични блеења тие ги сметаат за помалку штетни од институционалните измами од другата страна.

И кампањата на Трамп и трката на Берни Сандерс во 2016 година привлекоа гласачи што ги отфрлија наративите на мас-медиумите, кои сега значителен број луѓе и од левицата и од десницата ги гледаат како суштински корумпирани и недостојни за доверба.

Виа

24 јули 2019 - 09:32