Принс отсвири повлекување

Лапајте наоколу музика од Принс додека ја има. Човекот сериозно почна да ги повлекува своите песни од веб.

Отсекогаш бил и своеглав и свој. На почетокот на кариерата правеше музика која немаше никаква комерцијална логика. Сам ги свиреше сите инструменти на своите плочи, мешаше жанрови како што ќе му се ќефне. На почетокот на 90-тите влезе во џониевска хипер-продуктивност која неговата дискографска куќа едвај ја следеше. Па одеднаш се појави како симбол кој не може да се изговори.

Сега Принс ја повлекува својата музика и од Спотифај и од новиот музички сервис на Епл и од неколку други веб платформи. Засега го има уште на Тидал, платформата Џеј Зи која стрима музика за претплата.

Оние со технолошки фетиш кои во моментот се одушевени од стримингот велат дека со ваквиот потег Принс покажува дека е застарен и дека не го сфаќа новото време и дигиталната иднина на музиката.

Но, подобро упатените велат дека зад неговата одлука да ја повлече музиката исто како што тоа пред некое време го стори Тајлор Свифт се крие едноставна и разбирлива желба да се има контрола над својот труд.

"Запаметете, тоа е човек кој раскина голем дискографски договор уште пред да се појави Напстер и кој пред многу години го користеше интернетот за да ја развива својата компанија. Тој едноставно сака да има контрола и врз начинот на кој се нуди и врз парите кои ги добива. Најверојатно после ова ќе добие ексклузивна понуда за големи пари. Но, и да згреши, негово право е да прави што сака со своите песни", вели Роберт Левин, автор на "Free Ride," една од клучните книги за тоа како дигиталната револуција ѝ се заканува на културата.

Зошто другите музичари не ги следат примерите на Свифт и Принс па да се побунат против условувачките понуди на големите компании? Главно заради страв да не бидат дополнително маргинализирани ако дигнат глас против новите дигитални робовладетели. А добар дел од нив веќе и се заклучени со договори кои не им дозволуваат да зуцнат каде и како завршува нивната музика.

На Принс му се може поинаку.

9 јули 2015 - 17:52