Осумте песни на Спрингстин за на пуст остров

Да можевме ќе го викневме да ни биде ди-џеј на неделата. Ама па и вака не е лошо. За да може да го ислушаме неговиот избор на раат сега ни фали само пуст остров.

Во едночасовен разговор за Би-би-си радио 4 Спрингстин откри кои му се најомилените осум песни.

„Повеќето се такви што им се познати на многумина и кои имаат извршено големо влијание. Но тоа е истовремено и музиката која ме има полнето со енергија и ме има поттикнато на некој начин да си го променам животот“, изјавил тој.

Еве ги сите осум, со извадок од неговите коментари во интервјуто:

Elvis Presley - Hound Dog (1956)

Од моментот кога ја слушнал знаел дека веќе ништо нема да биде исто. „Бев во потрага и одеднаш пред мене се појави визија. Се соочив со чист удар, чиста енергија на самата музика. Бев многу млад но таа песна ме удри како гром“.

The Beatles - I Want To Hold Your Hand (1963)

Ова е уште една песна која му го сменила текот на животот, го инспирирала да свири рокенрол, да собере мал бенд и да почне да настапува со него на свирки низ градот.

The Rolling Stones - It's All Over Now (1964)

Дека Брус бил (и уште е) Стоунси фрик покажува и следнава анегдота - користел шноли од мајка му за да ја исправи косата и потоа спиел точно на неа обидувајќи се да не мрда. Причина: имал „италијански виткана коса“, но сакал да има права, како Брајан Џонс. Солото од песната го потсетува на времето кога бил исфрлен од првиот бенд, кога го усовршувал за да докаже дека може да биде соло гитарист.

Van Morrison - Madame George (1968)

„Албумот од кој е песната (Astral Weeks) направи да верувам во убавината, ми даде чувство на божественост. Тоа беше транс музика. Ми покажа колку може да се шири нешто со многу едноставна основа.“

Marvin Gaye - What's Going On (1971)

Целата плоча од почеток до крај според Брус е ремек-дело. Истовремено и еротична и ангажирана на ниво на „улична“ политика. Концептуален албум „без проклетството да биде наречен со тоа име“.

James Brown - Out Of Sight (1964)

Чист електрицитет, кој прави „да станеш и да го мрднеш газот“. Исполнета со пот, сиров госпел, рокенрол, ритам и блуз.

The Four Tops - Baby I Need Your Loving (1964)

„Морав да ставам нешто од Мотаун затоа што тоа беше неверојатен дел од мојата младост. Тоа беше школото каде се учеше занает“.

Bob Dylan - Like A Rolling Stone (1965)

Кога Спрингстин го примаше Дилан во Рокенрол халата на славните меѓу другото ја спомна и песнава. „Тапаните што ја отвараат звучат како некој да со клоца да ја отворил вратата кон твојот ум“. Според него, ова е еден од најмоќните албуми што кога и да бил направен, па ако удри бура на пустиот остров, од сите наведени албуми, токму него би се обидел да го спаси.

26 декември 2016 - 17:24