На денешен ден не умре Елвис Присли

Да, попрецизно е Пресли наместо Присли ама така го имаме завикано. И да, попрецизно е да се каже дека на денешен во 1977 година Кралот умре, на 42 годишна возраст. Само што не ни се верува. 

Пред само неколку дена се појави последниот од безбројниот низ докази кои ја подгреваат една од најдолговечните и најомилени теории на заговор; дека Елвис е жив. Видео снимка од еден 80 годишен дедо кој го издава карактеристичниот потег со прстите во "V" по слепоочницата.

По барање на неговиот татко Вернон, резултатите од аутопсијата на Елвис ќе бидат заклучени до 2027 година. Најчесто се претпоставува дека било инфаркт, предизвикан од премногу живот, главно конзумиран орално: што храна, што алкохол, што апчиња. Имал рецепти за валиум, демерол, валиум, кодеин.... и сосема е можно некој ваков коктел да го има убиено.

А и да не умрел тој ден, ќе скинел подоцна ако видел во какви филмови заврши неговата сопруга Присила или во чии кревети неговата ќерка Лиза Мари.

  • Елвис е близнак. Со братче кое починало на породувањето а Елвис тврдел дека целиот живот го чувствувал неговото присуство.
  • Првата гитара ја добива од мајка му на 11 години, што било разочарувачко за него, бидејќи сакал по една верзија играчка пушка, по друга точак. На 18 години ѝ возвраќа на мајка му подарувајќи ѝ  плоча.
  • Имал опсег на гласот од три октави.
  • Својот дом, замок, генералштаб, база и занимална Грејсленд (65.000 квардатни метри) го има купено на 22 години. По разводот со Присила најави дека ќе ги пушта внатре убавите девојки кои секоја вечер чекале пред портите. Една таква вечер, некој од послугата преброил 152 девојки и жени.
  • Никогаш нема настапувано надвор од Северна Америка.
  • За време на своите концерти знаел да изгуби и по неколку килограми. Кога престана да ги губи, добацил до речиси 160 кила.
  • Ноќта на први февруари пали приватен авион и од Грејсленд оди во Денвер, само за да изеде сендвич од 8.000 калории и цена од 550 долари. Сланина, путер од кикирики, обичен путер, џем, банана, мед  и уште нешто сланина.
  •  Ок, се фарбал во црно. Инаку имал кафеава коса.
  • Единствената јавна личност од Македонија која покажа толкава почит кон кралот на рокенролот што го крсти својот син по него е Амди Бајрам (што зборува бааги за рокенролот во Македонија). Подоцна и Елвис Бајрам прави една фасцинантна кариера но тоа е веќе друга приказна.

Ништо од оваа тривиа не е битна кога ќе видите колку Елвис Присли најстварно беше Крал:

 

16 август 2016 - 12:38