Франц Лист, првата рокенрол ѕвезда

Човекот кој е роден пред точно 200 години имал можност прв да го осети она што подоцна ќе стане рокенрол клише: згрозени авторитети, збудалена публика и жени кои му дофрлуваат парчиња своја облека на сцена.

Концертните сали во Европа дотогаш немале видено таква еуфорија по еден пијанист и композитор. Франц Лист целосно го сменил начинот на кој биле доживувани музичките мајстори, претворајќи го своето свирење во вистински перформанс сличен на современите рок свирки: страсно, бурно, со многу пот на сцена и еуфорија во публиката.

Бил толкава ѕвезда што женските обожавателки собирале негови пикавци и ги чувале како реликвија.

Франц Лист е првиот кој дрско доаѓал на сцена без никакви нотни записи што дотогаш се сметало за невидена ароганција и прашање на лош вкус. Тоа особено го нервирало стариот мајстор Шопен.

Лист е и првиот кој своето пијано го поставувал во профил во однос на публиката, за да може таа да му го гледа лицето. Автобиографските записи велат дека тоа било уникатно доживување. Најхевиметалски мавал со својата долга коса додека пот летала на сите страни.

Се што може да се види на современи пијано настапи, од Кит Џерет, преку Елтон Џон до Тори Амос, Франц Лист го има изведено прв. Негов е дури и поимот пијано рецитал.

Иако бил третиран како Бог на изведувањето, на пијано виртуозот веќе во неговите 30-ти години му здодеала таквата еуфорија и лицемерието на концертната публика па ги напушта соло настапите, посветувајќи му се се повеќе на диригентството.

И тоа го менува од корен: дотогаш диригентот бил спореден карактер кој само го држел оркестарот во ритам и се грижел за навремени влезови на инструментите. После Франц Лист, диригентот е човек кој самиот свири со цел оркестар, третирајќи го како инструмент.

Влијанието на музиката на Лист може да се почувствува во делата на Бела Барток и - неговиот зет за ќерка - Рихард Вагнер.

Една од најлегендарните апликации на Франц Лист е во маестралниот цртан со Том и Џери каде што може да ја слушнете неговата Унгарска рапсодија број 2 (ТУКА).

Лист е роден на 22 октомври, пред 1811 година.

4 ноември 2016 - 12:43