Најдобрата реклама за 2014-та не постои

Изборот е на магазинот АдВик, победник е пивото Њукасл браун, дело е на агенцијата Дрога5 ама и покрај сето ова технички зборено најдобрата реклама за 2014-та не постои.

"If We Made It" кампањата почнува со видео со Ана Кендрик во кое таа гневно и низ десетици "да ти ебам" раскажува како требало да сними реклама за Њукасл браун за Супер боул, ама било откажано затоа што немале пари да и платат. Со годишен маркетинг буџет дупло помал од цената на емитување реклама од 30 секунди на Супер Боул (4 милиони долари), пиварата никогаш не ни планираше да сними реклама за натпреварот.

"Амбициозна и паметна 'If We Made It' фантазираше токму за тоа - што ако ние направевме Супер Боул реклама, колку неверојатно епска и величествена ќе беше. Кампањата вклучуваше неколку десетина видео клипови - од тизери за постојни филмови до спуштање на некои од рекламите кои се емитуваа за Супер Боул - и бонус содржини како спонзорирани текстови на Гавкер.

И сето ова отворено го играше на фактот дека брендот не може да си дозволи Супер Боул реклама," пишува АдВик во едиторијалот за Реклама на Годината.

Нивната пофалба за пиварата е дека таа се бори и успева да надмине многу посилни и полегитимни спонзори на настанот и притоа наоѓа место во околу 600 медиумски стории на тема финалето во американски фудбал.

Самата кампања "If We Made It" е надградба на "No Bollocks" слоганот со кој Њукасл браун од 2012-та ја исмева маркетинг индустријата. Како што објаснува бренд директорот на Њукасл браун, Квин Килбури, "брендовите го третираат Супер Боул како летен блокбастер филм од 150 милиони долари, а сепак тие се само брендови на реклама од 30 секунди."

Според Килбури целото тоа пцуење од Ана Кендрик не било воопшто планирано. Кога почнало да се снима на актерката и се испуштиле неколку пцовки, ова му се допаднало на Килбури и побарал од неа да продолжи без да се стега. Така и бива. Затоа што во тоа време Хајнекен (мајката компанија на Њукасл Браун) нема маркетинг директор, Килбури морал да ја носи рекламата кај ЦЕО-то на одобрување, "можеше од лицето да му видиш дека не му е јасно, ама морам да му дадам кредит на крај рече 'да' за се'."

Кампањата почна да се емитува во неделите пред Супер Боул. Кога големите брендови почнаа да ги вадат своите (тизер или цели) реклами за настанот, пиварата почна да креира пародии од нив, за тоа како тие би ги направиле кога би можеле, "границата беше немој да го исмејуваш брендот, исмејувај го процесот, исмејувај се самиот себе."

Се на се, кампањата без појавување на Супер Боул собра околу 1 милијарда медиумски импресии.

"Дел од внатрешната дискусија со која им олесни на сите беше 'во најлош случај никој нема да ја види.' Ова не е голем ризик. Многу поголем ризик е ако си купил позиција од 4 милиони долари и сите ја мразат," објаснува Килбури.

>> Топ 10-те видео реклами ги имате тука

2 декември 2014 - 10:16