Европа: Нетфликс мора да пушта наши филмови

Европските каталози на дигиталните платфотми како што се Нетфликс и Амазон ќе мора да имаат минимум 20% содржина од европско производство, реши Европската комисија.

Европските регулатори одлучија на дигиталните стриминг сервиси да им ги наметнат истите обврски кои ги имаат традиционалните телевизиски дифузери кои работат на европско тло.

"Eвропските ТВ оператори во моментов инвестираат околу 20 проценти од нивните приходи за создавање оригинална содржина а on-demand провајдерите за таа цел одвојуваат помалку од еден процент", соопшти ЕК.

Дополнителна обврска е платформите како Нетфликс и Амазон да осигураат 'добра видливост' на европските содржини во своите каталози.

На земјите членки на ЕУ Комисијата им остави простор да одредуваат свои правила за стриминг сервисите за нивно финансиско вложување во продукција на европски филмови и серии, како што тоа го направи Амазон со новото шоу на Џереми Кларксон од Топ Гиар.

Нетфликс не е најсреќен со ваквата одлука на Европската комисија и нагласува дека системот на квоти и наметнатото финансирање нема да придонесат кон квалитетот на програмата која им се нуди на гледачите од Европа. 

Компанијата потсети дека таа и без наметнување досега има инвестирано стотина милиони долари во европски продукции или пак во партнерски проекти со куќи како BBC или ITV.