И филозофирањето е опасно по живот

Си стоите пред гранапче со другарот, тегнете тоа пивото, си ја раскажувате „Битие и ништожност" од Сартр, и ја анализирате врската помеѓу монизмот на предсократовците и оној на Спиноза. Во еден момент другаров вели „философија" со С. Вадите боксирачот што стално си го носите за вакви прилики, и му го мавате од фаца.

Филозофските дебати се познат извор на конфликти, особено помеѓу младите. Двајца од нив, стоејќи пред исто такво гранапче во рускиот град Ростов-на-Дон и (нормално) пиејќи пиво, во неделата навечер почнале да се расправаат околу Имануел Кант и неговата „Критика на чистиот ум".

Не е познато дали се закачиле околу категоричкиот императив или синтетичкото а приори, но расправијата преминала во тепачка, при што едниот од нив извадил мал пиштол на гумени куршуми и пукал во противникот.

Тој бил хоспитализиран, но според портпаролот на ростовската полиција бил пуштен дома без големи телесни повреди.

17 септември 2013 - 10:35