После #МеТоо нема каење

Сенаторот на демократите и поранешен комичар, Ал Франкен, поднесе оставка на својата функција во 2017 во времето кога МеТоо движењето беше во врвот на својата сила. Малку повеќе трпение, истрага и анализа (каква што заслужува секое сериозно обвинение) покажа дека сето тоа било избрзано.

Обвиненијата по кои Франкен поднесува оставка се дека премногу страсно бакнал жена за време на проба на една претстава и притоа ја држел за струк, и фотографија како тој ги става рацете врз градите на истата жена додека таа спие во авион. Фините детали се дека рацете на Франкен воопшто не ја допираат жената, таа на сликата носи панцир (бидејќи летот е во Ирак) и сето тоа повеќе е направено како шега за останатата (мешана) постава во авионот, која инаку е составена од комичари на турнеја низ американските воени бази во Ирак.

Седум американски сенатори кои пред две години го повикаа Франкен да поднесе оставка и да замине во вечен прогон сега се пишман околу својата одлука (еден од нив, нарекувајќи го тоа една од најголемите грешки на сопствената кариера).

Случајот на Франкен е покриен и во последниот број на Њујокер, каде се заклучува, според сижето што го твитна авторката на текстот, Џејн Мајер, дека „речиси НИШТО што главната обвинителка го кажа против него не е точно“.

„Оние кои мислат дека ниту едно сексуално обвинение што доаѓа од жена не може да биде невистинито, веројатно нема да бидат импресионирани од новите информации што ги објавува Мајер. Што е до мене, јас постојано се прашувам што ќе се случеше ако сите оние помалку славни мажи и жени обвинети за слично двосмислени дела, би имале своја Џејн Мајер за да истражи,“ пишува Лаура Кипнис во текстот за Гардијан.

Нејзиниот став во декември 2017 е дека „шеговити фотки се една работа, недозволено фаќање жени се сосема друга“. Она што истрагата на Мајер го менува кај нејзе е дека сега таа е помалку сигурна дека “рака околу струк е сексуален напад.“

„Меѓутоа на крајот од 2017, сите прилично бевме на работ, и мислам, дека сите го прочешлувавме сопственото минато во потрага по некое сеќавање за напад или навреда, па излегоа многу различни приказни - премногу за да можеш сите да си пофатиш. Тоа беше момент кога летаа глави, и некое време чувството беше одлично.

Меѓутоа исто така имаше и опортунисти кои ја „раскажуваа сопствената вистина“. Имаше неуспешно правење разлика и политичка итност, и невозможност на одделување на мотивите од фактите. Сето тоа сега почнува да се открива, со длабоки истраги како онаа на Мајер, како и на судските рочишта. Заклучоците од кампусите кои се стекнати со пристап „фокусиран на жртвата“ се повеќе се отфрлаат од судиите, а работодавците кои беа премногу брзоплети со отказите сега се присилени да дадат спогодби.

Последиците нема да бидат пријатни, посебно што обвинетите, кога ќе им биде дозволено, ќе ја кажат својата страна на приказната. И тоа секако нема да нè обедини. И јас очекувам дека ќе има уште многу последици,“ пишува Кипнис.

30 јули 2019 - 13:59