Наскоро ќе одите на нотар пред да се залапате

Во Шведска законот за силување ќе се промени така што тужениот ќе мора да докажува невиност. Законот практично се сведува на тоа дека ако не се добие експлицитна вербална потврда или демонстрација (како ли па тоа ќе се дефинира?) за желба за секс, една од страните може да тврди дека е силуван/а.

Новата легислатива која треба да биде одобрена во шведскиот парламент се откажува од едно од клучните принципи на римското право, она за пресумција на невиност („ei incumbit probatio qui dicit, non qui negat“, односно „товарот на доказот е кај оној што обвинува а не кај оној што е обвинет).

Со други зборови, Шведска го менува законот за силување при што товарот се префрлува кон обвинетиот кој ќе треба да ја докажува својата невиност на тој начин што ќе има обезбедено експлицитна доброволност за некој сексуален контакт.

Заменичката премиер Изабела Ловин вели дека последната #metoo кампања против сексуалните злоупотреби ја наметнала потребата од поинаква легислатива која неделава треба да биде потврдена од шведскиот парламент.

Според актуелниот закон, некој можеше да биде процесиран ако се докажеше постоење закана или насилство. По ново, за силување ќе се смета и ако оној кој обвинува „не дал експлицитна вербална согласност или јасно не ја демонстрирал својата желба за секс“.

На овој начин, сметаат протагонистите на новиот закон, општеството јасно ќе им порача на жртвите дека е од нивна страна.

Некои прогнозираат дека со вакви закони ќе се вратат оние кодови со марамчиња, популарни во геј заедницата во 70те и 80те, колку да нема забуна и да се документира по кафаните кој е за.

Во процедури се и други измени, на пример да им се забрани на Швеѓаните да плаќаат за проститутки и кога се надвор од земјата. Кога се во Шведска, тоа веќе им е забрането.